Во пресрет на светската премиера закажана за мај годинава, италијанската дизајнерска куќа објави уште еден тизер од најавуваниот модел PF0.
Откако во Пибл Бич минатата година беше претставен концептот под овој назив, а потоа му беше дадено и официјалното име Battista (по основачот Battista Pinin Farina), Pininfarina објавува дека премиерата на продукцискиот модел ќе биде одржана во мај годинава пред негово сериско производство.
PFO е целосно електрифициран автомобил кој со своите неверојатни перформанси треба да се вброи на врвот на листата на најдобри електрифицирани автомобили. Овој автомобил го придвижуваат четири електрични мотори, по еден за секое тркало, а заедно ќе продуцираат околу 2.000 КС што ќе овозможи забрување до стотка за помалку од 2 секунди, а до 300 км/ч за помалку од 12 секунди.
Максималната брзина која може да ја постигне изнесува нешто над 400 км/ч. Во производство се очекува овој концепт да влезе во 2020 година, а цената ќе се движи од 2 до 2.5 милиони американски долари. Планирано е да се произведат само 150 примероци, а по 50 ќе бидат дистрибуирани на сите три клучни регионални пазари и тоа во Северна Америка, Европа и Азија.