PSA групацијата ги потврди официјално неколкугодишните гласини дека се подготвува за враќање на северноамериканскиот пазар после три децении пауза. Раководството на францускиот концерн се одлучило на ваквиот смел чекор после рекордните продажби во минатата година и заработката која ја оствари Opel, првпат по 20 години.
„Враќањето на Peugeot во Северна Америка ќе ја одбележи кулминацијата по неколку години истражувања, кои ги имаа за цел да утврдат како брендовите во составот на PSA да одговорат во максимален степен на корисничките очекувања“, вели Лари Доминик, кој е претседател и извршен директор на Groupe PSA North America.
Дел од истата стратегија е и лансирањето на Citroen во Индија и Opel во Русија откаде претходниот сопственик на германскиот бренд, General Motors го повлече пред две години.
Во моментов Peugeot работи на хомологацијата на моделната понуда во согласност со американското законодавство и бара „влезни точки“ кон него. Процесот нема да биде ниту лесен, ниту брз. Најоптимистичкото сценарио ги предвидува продажбите на француската автомобилска продукција во САД да почнат дури во 2026 година.