Mercedes-Benz ја редуцира опремата во автомобилите поради недостаток на чипови

ОБЈАВЕНО НА:

Германскиот производител на луксузни автомобили Mercedes-Benz потврди дека поради кризата со чипови, не може да ги достави сите возила со комплетна техничка опрема. Во такви случаи, клиентите можат да ги добијат нарачаните автомобили со намалена опрема по пониска цена, изјавила портпаролката на Мерцедес-Бенц.

Доколку купувачот не се согласи со изменетата понуда, може да се повлече од купопродажниот договор, се додава во соопштението. Mercedes-Benz на тој начин го демантираше написот во локалниот дневен весник Stuttgarter Nachrichten според кој нарачката не може да се откаже.

Кој ќе преземе автомобил со намалена опрема, не може да очекува негова последователна надградба, бидејќи тоа не е секогаш возможно од технички причини, објави одделот за продажба на компанијата. Не се наведува колку автомобили биле нарачани и кои модели ќе излезат од монтажната линија со намалена опрема поради кризата со чипови.

Клиентите исто така можат да чекаат за испорака на нивните возила додека не биде достапна саканата опрема.

Современите автомобили содржат многу електроника, така што производителите на автомобили во моментов се принудени да произведуваат недовршени возила, да ги паркираат и да ги завршат кога ќе ги набават сите електронски делови поради проблеми со снабдувањето со чипови.

Mercedes-Benz исто така привремено складира возила поради недостаток на некои полупроводнички компоненти, потврди неодамна портпаролот на компанијата. Практиката е вообичаена и кај производителите на камиони.

Незавршените камиони всушност не се испорачуваат на клиентите, изјави во вторникот извршниот директор на Daimler Truck, Мартин Даум. Камионскиот сектор има помалку „луксузни инсталации“ отколку секторот за патнички автомобили, додал Даум.

 

Следете не и на:

24AUTO NETWORK