Лани даде 3,5 милијарди евра – Германија ги укинува субвенциите за еколошки возила

ОБЈАВЕНО НА:

Се намалува и помошта за целосно електрични возила, а една од причините е препродажбата на субвенционирани возила на други пазари

Германската влада одлучи до крајот на годината целосно да ги укине субвенциите за плагин-хибридните возила. Покрај укинувањето на помошта за plug-in хибридите, ќе се преполови и субвенциите за купување целосно електрични автомобили. Има многу причини за ваквата одлука, а една од најважните е огромниот раст на профитабилната препродажба на „субвенционирани“ возила на други пазари.

Владиниот министер Роберт Хабек ја објасни одлуката за намалување на субвенциите за plug-in хибридите:
„Сакаме да го заостриме фокусот на целосно електричните автомобили и повеќе да се фокусираме на заштитата на климата. Нашиот став е дека plug-in хибридите имаат доволно клиенти и повеќе не им треба јавно финансирање. Иако продолжуваме да ја поддржуваме продажбата на електрични автомобили, од 1 јануари следната година, планираме постепено да ја намалуваме поддршката за нив“, заклучи Хабек.

Според AutomotiveNews, се укинува субвенцијата за plug-in хибриди во износ од 4.500 евра, а субвенцијата за електричните автомобили ќе се намали од сегашните 6.000 на 4.000 евра следната година. Една година подоцна поддршката ќе изнесува само 3.000 евра.

На ваквата одлука се спротивстави дел од јавноста, а во име на претставниците на германската автомобилска индустрија (ВДА), претседателката на здружението Хилдегард Милер изјави: Овој потег ќе го загрози зголемувањето на електричната мобилност и ќе ги игнорира потребите на клиентите. Plug-in хибридите служат како пионери за транзиција кон електрична мобилност.

Во Германија минатата година се продадени 680.000 електрифицирани автомобили, од кои 325.000 се plug-in хибриди. Владата издвои повеќе од три и пол милијарди евра за субвенции.

 

Следете не и на:

24AUTO NETWORK