Едни од најчестите казни на учесниците во сообраќајот се поради погрешно паркирање. Некогаш реагира пајак службата, а некогаш само со добива казна. Овие казни можете да ги замените и со негативни поени, но доколку соберете 100 негативни поени тогаш можете да ја загубите возачката дозвола и повторно ќе морате се да полагате од почеток.
Според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата возачот, односно сопственикот на возилото не смее да го запре или паркира возилото на место на кое тоа би ја загрозувало безбедноста на другите учесници во сообраќајот или би претставувало пречка за нормално одвивање на сообраќајот или за движењето на пешаците и велосипедистите.
На јавен пат, на места односно на простор наменет за запирање и паркирање на возила, како и на посебно уредена сообраќајна површина наменета за движење на пешаци и велосипедисти, забрането е да се остават возила кои заради оштетеност, односно дотраеност, не се употребуваат во сообраќајот (хаварисани, напуштени возила, камп приколки и слично), како и други предмети со кои се попречува одвивањето на сообраќајот и се загрозува животната средина.
* Мандатен платен налог со глоба во износ од 45 евра во денарска противвредност во мандатна постапка ќе му се издаде, односно ќе му се регистрираат 25 негативни бода согласно со одредбите од овој закон, на возачот односно сопственикот на возилото кој постапува спротивно на овие одредби.
А што предводува Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата? Возачот, односно сопственикот на возилото не смее да запре или паркира возило особено:
1 – на обележан пешачки премин, како и на премин на велосипедска патека преку коловозот и на оддалеченост помала од десет метри од тие премини,
2 – на премин на патот преку железничка или трамвајска пруга во исто ниво,
3 – на железнички или трамвајски пруги и во близината на тие пруги, ако со тоа се спречува сообраќајот на возилата што се движат по шини,
4 – на крстосница и на оддалеченост помала од десет метри од најблискиот раб на напречниот коловоз,
5 – на мостови, во подвозници, на надвозници како и на растојание помало од петнаесет метри од мостови, тунели, подвозници и надвозници,
6 – на дел од јавен пат во близина на врв од преслап и во кривина, каде што прегледноста на патот е недоволна и каде што обиколување на возилото не би можело да се изврши без опасност,
7 – на дел од јавен пат, каде ширината на слободниот премин од запреното или паркираното возило до полната надолжна линија на коловозот или до некоја пречка на патот би била помала од три метри, односно до спротивниот раб на коловозот би била помала од четири метри,
8 – на место на кое возилото би го засолнувало поставениот сообраќаен знак или уредот за давање светлосни сообраќајни знаци,
9 – на велосипедска патека, односно лента,
10 – на тротоар, односно пешачка патека, ако тоа не е изречно регулирано со сообраќаен знак. Ако е дозволено паркирање, односно запирање, задолжително треба да се остави најмалку 1,6 метри ширина на површината за движење на пешаци, со тоа што таа површина не може да биде покрај работ на коловозот,
11 – на дел од коловозот, кој како стојалиште за возила на јавниот сообраќај е обележан со ознаки на коловозот,
12 – на дел од јавен пат пред премин на пат преку железничка или трамвајска пруга во исто ниво и тоа на оддалеченост помала од 15 метри од тие премини,
13 – на оддалеченост помала од 15 метри пред и зад знакот со кој е обележано стојалиште за возилата за јавен сообраќај,
14 – пред влез во објект, двор или гаража,
15 – на хортикултурно уредени зелени површини, градски зеленила и паркови,
16 – над приклучок на водоводната мрежа или влез во канализација или друга мрежа на комуналните претпријатија,
17 – на места предвидени за движење и паркирање на лица со посебни потреби,
18 – на место каде паркираното возило би го оневозможило пристапот на друго возило, заради паркирање или излегување на веќе паркирано возило,
19 – на плоштад, пешачка зона и противпожарен пат и
20 – на паркинг место кое со дополнителна табла, сообраќаен знак или ознака на коловозот е обележано место за паркирање на возила за лица со посебни потреби.
Еве ги и казните за погрешно паркирање
* Мандатен платен налог со глоба во износ од 180 евра во денарска противвредност, во мандатна постапка ќе му се издаде, односно ќе му се регистрираат 40 негативни бода согласно со одредбите од овој закон, на возачот, односно сопственикот на возилото кој постапува спротивно на одредбата од ставот (1) алинеи 1, 2, 3, 4, 5, 6, 17, 19 и 20 на овој член.
* Мандатен платен налог со глоба во износ од 150 евра во денарска противвредност, во мандатна постапка ќе му се издаде, односно ќе му се регистрираат 35 негативни бода согласно со одредбите од овој закон, на возачот, односно сопственикот на возилото кој постапува спротивно на одредбите од ставот (1) алинеи 7, 8, 11, 12 и 15 на овој член.
* Мандатен платен налог со глоба во износ од 40 евра во денарска противвредност во мандатна постапка ќе му се издаде, односно ќе му се регистрираат 25 негативни бода согласно со одредбите од овој закон, на возачот, односно сопственикот на возилото кој постапува спротивно на одредбата од ставот (1) алинеи 9, 10, 13, 14 и 18 на овој член.
* Мандатен платен налог со глоба во износ од 25 евра во денарска противвредност во мандатна постапка ќе му се издаде, односно ќе му се регистрираат 15 негативни бода согласно со одредбите од овој закон, на возачот, односно сопственикот на возилото кој постапува спротивно на одредбата од ставот (1) алинеја 16 на овој член.
* По исклучок од ставот (3) на овој член на сопственикот на возилото кој не поседува возачка дозвола, ќе му се издаде прекршочен платен налог со глоба во износ од 250 евра во денарска противвредност, согласно со одредбите од овој закон.
* По исклучок од ставот (4) на овој член на сопственикот на возилото кој не поседува возачка дозвола, ќе му се издаде прекршочен платен налог со глоба во износ од 200 евра во денарска противвредност, согласно со одредбите од овој закон.
* По исклучок од ставовите (5) и (6) на овој член на сопственикот на возилото кој не поседува возачка дозвола, ќе му се издаде прекршочен платен налог со глоба во износ од 50 евра во денарска противвредност, согласно со одредбите од овој закон.