Во отсуство на домашни трки на кружни патеки, македонските возачи наоѓаат начин да го покажат сопствениот талент, и тоа на надвор од земјава, а Twingo Cup натпреварувањето што влегува во својата трета сезона е место за докажување и напредување. Во конкуренција на возачи од повеќе земји, најмногу од Словенија, Србија, Италија и Унгарија, македонските возачи иако имаа „послаби“ возила успеаја да бидат во самиот врв, па и да победат. Македонскиот Twingo Cup е дел од тригодишната програма во која победникот покрај паричните награди добива како награда и електрично возило Renault Twizy.
Лани се возеа осум трки кои се бодуваа за првенството на Македонија, а на четири од нив првопласиран беше Давид Малинковски. На крајот од сезоната освои 122 бода, дури 38 повеќе од второпласираниот Мартин Костовски. Лани Малинковски се искачи и на пиедесталот во генерален пласман на Twingo Cup на претпоследната трка на Гробник, Хрватска. Син на познатиот и успешен македонски тркач Илија Малинковски, младиот Давид продолжува по неговите стапки.
Тwingo Cup треба да биде почеток на неговата тркачка кариера. Тука се „кали“ и го учи занаетот, а потоа веројатно ќе скокне и во некоја друга тркачка серија. Но, се по ред, и скалило по скалило.
„Искрено не би сакал тука да заврши се. Би останал лојален на Renault брендот и би направил напори да возам и во Renault Clio, но треба и поголеми финансии се тоа. Ќе видиме како ќе тече сезоната па потоа ќе решиме за иднината„, вели Давид.
Тој сега како поискусен влегува во нова сезона, како актуелен шампион и со желба повторно да биде меѓу најдобрите.
„Подготвен сум за новата сезона. Секако со нетрпение ја очекувам. Знам како треба да се вози. Не смее да се прават грешки. Само една грешка може многу да чини. На секоја трка може секој да биде лидер, но треба и умно да ја користи секоја прилика што ќе ја добие. Тоа е рецептот за победа. Треба многу трпение и да се чека приликата што ќе се укаже, се разбира и со тимска поддршка да се бориш против другите“, вели Малинковски.
Зад себе имаш искуство од настап на повеќе различни европски патеки, и веројатно сега би ти било полесно. Знаеш што те очекува, како да подготвиш тактика, како да возиш во одреден момент
„Многу сум поискусен од лани. Првпат лани се соочивме со вакви патеки. Сега одиме со самодоверба со знаење дека можеме да се тркаме со другите. На ниту една од трките беше лесно, бидејќи на сте можни трки имаше борба и вистинско тркање до последен круг. Тоа е убавината на Twingo Cup. Сите патеки се тешки и слатки.
Twingo Cup е повеќе од обично натпреварување. Тоа е истовремено и забава и дружење и учење.
„Тоа не се опишува. Магично, со еден збор. Не е само дружење, бидејќи и многу сериозни трки, па сите сакаме да се покажеме. Знаеме да си помагаме, учиме како тоа треба да биде на патека. А надвор од патеката сме пак заедно, тука сме да се смееме и дружиме“, вели Давид кој лани сезоната ја почна со подиум во Унгарија на првата трка и победа на втората трка во конкуренција на македонските возачи.
Сезонава постојано ќе се вози на сериозни патеки каде се вози и Ф1. Освен во Унгарија серијата ќе има трки и на патеките во Австрија (Ред Бул ринг), Брно, Гробник, Монца (Италија) и на Серез во Грција. Тоа носи и поголеми возбудувања
„Очекувањата е на сите трки да извадиме максимум. Од десетта позиција можеш и да победиш. Секако дека сум возбуден дека ќе се возиме на такви патеки. Тоа е врв од возбуда. Сон што се остварува. Иако е тоа само Twingo Cup.
Сезонава шансите на македонските возачи за победи треба да бидат поголеми. Лани македонските возила имаа различен менувач од другите, кој е добар за забрзување, но послаб кога се вози на подолги правци. Сега тоа е сменето.
„Ќе има исти менувачи. Разликата лани беше што имавме пократки менувачи, кои се добри за забрзување, но на многу места во трката еластичноста на моторот не можеше да се искористи и затоа другите ни бегаа. На старт сме побрзи, но понатаму сме поспори на некои места. Сега тоа го израмнивме, и очекуваме да бидеме поконкурентни, за „вистинските“ први места. Има доста возачи кои ќе се борат за титулата. Кај Србите, тоа е Михајло Младеновиќ кој е многу сериозен возач. Кај нас Марко Блажевски покажа дека секогаш знае да извади резултат кога треба. Словенците се долго време во Twingo Cup и имаат повеќемина возачи.
Сезонава во Twingo Cup има пријавени 33 возачи од шест држави, и најбројни се оние од Словенија, а од Македонија ќе има девет возачи. Ќе има и возачи од Србија, Италија, Чешка и Австрија. Во првенството на Македонија ќе се борат девет возачи. Петмина се членови на АКК Рено Спорт Скопје, двајца се од Свифт рејсинг, и по еден член имаат АКК Проспорт и АКК Сити Скопје. Ќе има и двајца дебитанти кои ќе возат на познатите патеки во Европа заедно со другите натпреварувачи.