Европа е еден од најголемите автомобилски пазари во светот, а електричните возила стануваат исклучително популарни. General Motors ја напушти Европа пред неколку години, но сака дел од колачот, и е подготвен повторно да се врати на пазарот како целосно електричен бренд, потврдува Мери Бара, Извршната директорка на компанијата.
GM планира да биде целосно електричен бренд до 2035 година, а Бара сака да ја искористи можноста повторно да влезе на европскиот пазар од каде се повлече пред 5 години, потврдува во интервјуто за The Detroit Free Press.
„Пред околу пет години, го продадовме нашиот бизнис со Opel на она што сега е Stellantis и нема каење што излеговме од овој дел со моторите со внатрешно согорување“, рече Бара. „Но, ние ја гледаме можноста за раст што ја имаме сега, бидејќи можеме повторно да влеземе во Европа како играч со електрични возила. Со нетрпение го очекувам тоа.”
GM беше во Европа скоро 90 години кога ги продаде Opel и Vauxhall за 2,2 милијарди долари во 2017 година. Продажбата на двете марки им овозможи на General Motors да се фокусираат на развој на возила за Северна Америка и Кина, како и да ослободи пари за развој на електрични возила. И марките Vauxhall и Opel губеа пари 16 години по ред.
Покрај разнебитувањето на непрофитабилните брендови, излегувањето од Европа имаше и долгорочни ефекти кои сега се реализираат постпандемиски. Со речиси никакво присуство на континентот, GM е имуна на проблемите со кои се соочуваат производителите на автомобили сега на Стариот континент, како што се високите цени на бензинот, конфликтот во Украина и скапите суровини.
Иако групацијата oд Детроит повеќе не произведува возила во Европа, таа не излезе целосно од пазарот бидејќи Corvette и некои модели на Cadillac се сè уште достапни, иако тие остануваат само како дополнителен избор на потенцијалните купувачи.