Гумите треба да стојат исправно, а ако се заедно во комплет со бандажи тогаш треба да бидат на под, и ставени една врз друга
Со завршувањето на зимата и изминување на рокот од 15 март, до кога е задолжително да имате зимска опрема, или зимски гуми, и подготовката за летниот период, треба да се сменат и гумите на возилото (доколку имате зимски гуми). Но, што да се прави со нив?
Една од можностите е да ги оставите кај некој од продавачите што имаа складишта за чување.
Многумина возачи незнаат како вистински треба да се чуваат заменетите пневматици. До следната есен, тие треба да отседат во гаража или подрум, а потоа повторно да бидат монтирани. Но, како навистина треба да се складираат и одржуваат гумите, и тоа без разлика дали се работи за летни или за зимски? Постојат строги правила за тоа. Доколку не ги почитувате гумите може да дојде до нивно трајно оштетување.
Многумина возачи за летните и зимски тркала користат исти бандажи, односно секоја сезона само ги менуваат гумите. Гумите треба да се складираат исправени, а не положени доле на земја, бидејќи може да се оштетат. Во исправена положба не постои опасност од оштетувања, бидејќи гумата има релативно мала маса и оптоварувања се мали.
Доколку гумите ги чувате заедно со бандажите, тогаш при нивното складирање треба да се направи спротивното. Комплетните тркала треба да се постават на подот, и да се стават еден врз друг, а меѓу тркалата препорачливо е да ставите хартија од весник.
Складирање во исправена положба не е препорачлива бидејќи подолгото стоење, под притисок на бандажите може гумата да се деформира. Исто така можете да го користите и ѕидот, па на него да ги закачите тркалата, но, никако само “голи” гуми. Тоа може само со бандажи. Истовремено се препорачува складирање на гумите на темно и суво место.