Германското јавно обвинителство почна истрага против вработени во Daimler, производителот на Mercedes – Benz и Smart. Истрагата се однесува на наводите за манипулации со емисиите на дизел.
Портпаролот на обвинителството во Штутгард, рече дека вработените во Daimler се под истрага за наводна измама и лажно рекламирање, но одби да открие детали.
Од Daimler потврдија дека соработуваат со властите, воздржувајќи се да навлезат во детали од истрагата. Според производителот, германските власти при министерството за транспорт и возила извршиле тестирања на нивните возила во однос на емисиите на гасови и, при то, не биле утврдени прекршувања.
Според германскиот весник Die Zeit, можно е да постојат манипулации со некои возила на Daimler со цел да ги поминат тестовите за емисии. А, ваквите наводи, во обвинителството во Штутгард, ги изнел вработен од Daimler, но од компанијата одбиваат да го коментираат новинарскиот извештај.
Автопроизводителите се во фокусот на јавноста, како и на истражните власти, откако во септември 2015 година се дозна дека Volkswagen инсталирал софтвер во 11 милиони дизел возила со цел да го измамат тестот за емисии на гасови.
Ова е втор случај поврзан со дизелгејт скандалот за обвинителството во Штутгард, кое уште во декември 2015 година поведе истрага за вработените во снабдувачот Robert Bosch се инволвирани во манипулациите.