Ако сакате да патувате: Петте најбезбедни градови кои се ослободија од короната

ОБЈАВЕНО НА:

На сите ни недостасуваат патувањата, дестинации кои не сме ги посетиле или пак ни се омилени и често се враќаме повторно. Короната последниве речиси две години многу го смени нашиот живот и навики. Патувањата станаа реткост, но сепак постојат места кои и официјално се прогласени како најбезбедни.

Economist Intelligence Unit објави истражување за безбедноста на градовите по пандемија. Се земаат предвид сите фактори кои го прават градот безбеден: инфраструктура, дигитален живот, лична безбедност, здравје.

Мерките за заштита од корона вирусот имаат големо влијание врз изгледот на градовите и состојбата во нив. Тежината на привремените закони варира од град до град во зависност од нивната епидемиолошка ситуација. Додека градовите во нашето опкружување сè уште се борат со вирусот, некои од светските метрополи веќе се сметаат за „излечени“.

5. Токио
На петтото место е јапонската престолнина и воедно најголемиот град во светот. За време на Олимписките игри стапката на зарази многу скокна, но со текот на времето јапонските власти успеаја да ја смират ситуацијата. Бројот на вакцинирани надмина 70% од вкупното население, што е одлична причина за оптимизам, бидејќи со ова темпо Јапонија е на добар пат целосно да се ослободи од короната. Владата ги охрабрува и компаниите да им дадат одредени привилегии на вакцинираните за да ги поттикне работниците да се вакцинираат.

4. Сиднеј
Најголемиот град во Австралија е меѓу првите 10 во однос на здравствената безбедност. Австралија беше една од првите земји што ги затвори своите граници на самиот почеток на пандемијата и задржа строги мерки за изолација. Стапката на смртност од Ковид сè уште е една од најниските во оваа океанска земја. Кога процентот на вакцинирани ќе достигне 70%, Владата најави олеснување на мерките додека се отвораат границите во ноември. Освен што се чувствуваат безбедни поради пандемијата, жителите на Сиднеј не се грижат ниту на улиците. Градот е на прво место и кога станува збор за дигиталната безбедност, а тоа ги вклучува политиката на приватност, заштитата и заканата за сајбер безбедноста, како и целиот план на „паметниот“ град.

3. Сингапур
Овој азиски град е на второ место по дигитална, здравствена и инфраструктурна безбедност. Градските водачи го искористија овој факт и воведоа дигитален надзор и следење контакти побрзо и подобро. Тие можат да се пофалат и со стапка на вакцинација од 80 проценти. Пред да влезат во кој било објект, граѓаните мора да покажат одредена дигитална документација за да потврдат дека се вакцинирани, ова е и начин да се утврди со кого контактирале лицата заразени со вирусот.

2. Торонто
На второ место е Торонто, кој оваа позиција ја заслужи со резултатите во инфраструктурата и безбедноста на животната средина. Граѓаните ја нагласуваат инклузивната култура што е застапена во градот како и високата свест за важноста на вакцините. Владата започна серија програми за вакцинација за да го направи овој град побезбеден. Исто така, Торонто е градот со најмалку дискриминација, што дополнително ја подигнува безбедноста. Не е ни чудо што на улиците гледате мешани групи луѓе од различни раси, националности и религии.

1. Копенхаген
На врвот на листата е главниот град на Данска поради неговата севкупна безбедност. Градот за електрична енергија се потпира на обновливи извори, квалитетот на воздухот е одличен и граѓаните се чувствуваат сосема безбедно на улиците. Бројните урбани шуми им овозможија на граѓаните да уживаат на отворено за време на пандемија, што значително ја намали стапката на зараза. Сите мерки беа укинати во септември годинава, благодарение на „корона водичи“ кои на туристите им укажуваат на местата што треба да ги избегнуваат како и како да се заштитат при посетата.

Следете не и на:

24AUTO NETWORK