Nissan и Renault, наводно, постигнале договор за реструктуирана алијанса и наскоро може да добиеме официјално соопштение со детали за продолжувањето на соработката. Долго траеја преговорите меѓу двајцата производители кои тесно соработуваат од 1999 година.
Во февруари беше објавена рамката за новата алијанса, според која Nissan ќе преземе до 15% од компанијата за електрични возила на Renault Ampere, додека Renault ќе го намали својот удел од 43% во Nissan.
По таа објава, некои високи менаџери и директори на Nissan наводно ги оспориле условите на договорот и побарале негова измена.
Агенцијата Ројтерс дознава дека инвестицијата на Nissan во Ampere била намалена во преговорите по февруари. Наместо удел од 15 проценти, Nissan ќе земе удел што би можел да биде помал од 10 проценти.
Се зависи од вредноста на компанијата за електрични автомобили на Renault кога ќе излезе на берзата. Експертите ја проценуваат вредноста на Ampere на 10 милијарди евра.
Renault особено сака да привлече што е можно повеќе инвеститори во Ampere. Mitsubishi изрази интерес да преземе мал удел во компанијата, а производителот на полупроводници Qualcomm потврди дека исто така ќе инвестира.
Поранешниот шеф на Nissan и Renault, контроверзниот Карлос Госн за медиумите изјави дека најновиот договор меѓу двете компании сугерира дека се уште постои голема недоверба меѓу нив.
Сè уште нема официјална потврда за договорот во однос на алијансата, а во неодамнешната изјава Нисан ги опиша преговорите како „тековни“.