Американската управа за безбедност во сообраќајот одлучи да провери над 30 милиони возила поради потенцијално неисправни воздушни перничиња на јапонската компанија Таката, покажува владин документ. NHTSA ја започна анализата минатиот петок и ќе вклучува американски модели на возила произведени во периодот од 2001 до 2019 година.
Истрагата ќе се однесува на возила на околу 20 компании, меѓу кои и Honda, Ford, Toyota, GM, Nissan, Subaru, Tesla, Ferrari, Mazda, Daimler, BMW, Crysler, Porsche, Jaguar Land Rover. Раководството ги известило производителите на автомобили за истрагата, но не и јавноста. Автомобилските компании во неделата не сакале да ги коментираат информациите за истрагата во пресрет на соопштението до медиумите или не одговориле веднаш на барањата за коментар.
Во САД во изминатите десет години биле повлечени повеќе од 67 милиони воздушни перничиња произведени од Таката, и повеќе од 100 милиони во светот, во најголемото безбедносно отповикување на производи во историјата. Перниците се повлекуваат и менуваат бидејќи во ретки случаи, парчиња метал може да „испукаат“ во околината, што може да биде смртоносно.
Има најмалку 28 смртни случаи во светот поврзани со неисправните воздушни перничиња на Таката, вклучувајќи 19 во САД и повеќе од 400 повреди. Во САД, пријавени се 16 смртни случаи во возилата на Honda, два во Ford и еден во BMW. Пријавени се и други смртни случаи во возилата на Honda во Малезија, Бразил и Мексико.
Причината за „експлозијата“ и повлекувањето на 67 милиони воздушни перничиња е распаѓањето на хемикалијата што го активира надувување на воздушните перничиња по продолжено изложување на високи температури и влажност. Американската администрација побара повлекување на сите слични перници Таката во кои нема средство за сушење.
NHTSA објави претходно оваа година дека од 67 милиони перници што се отповикани, приближно 50 милиони се поправени или проблемот е решен на друг начин. Возилата опфатени со новата истрага имаат воздушни перничиња со средство за сушење, и не се забележани случаи на активирање додека возите со такви перници.