На патиштата во Европа има само 1 отсто електрични возила

ОБЈАВЕНО НА:

Наспроти растот на новопродадени возила со алтернативен погон во Европа нивниот удел на патиштата во 2018 година е само 3,8 проценти. Од нив 0,7 проценти биле хибридни, 0,2 проценти електрични на батерии и 0,1 процент плаг-ин хибрид.

Тоа е мал удел за остварување на целите на Европската Унија до 2050 година. Патниот транспорт во Европа е најголем извор на CO2 гасови и учествува со околу 20 проценти во вкупната емисија на штетни гасови. Автомобилите се најголем проблем и емисијата од нив е во постојан раст.

Со цел поттикнување на поголема продажба на возила со 0 или ниска емисија на штетни гасови до 50 грама CO2 на еден километар, од 2025 година во Европската Унија стапува на сила систем на кредити, така што во зависност од уделот на вакви возила во вкупно продадените возила, производителите ќе добиваат „кредити“ за поголема емисија на CO2 од конвенционалните модели кои ги продаваат.

Со ЕУ директивата 2020/21 CO2 стандардот за нови возила е 95 грама на еден километар и производителите на автомобили веќе нудат околу 200 плаг-ин модели на електрични возила на пазарот во Европа. Дополнително, ограничувањето од 95 грама на еден километар ќе се намали за 15 во 2025 и 37,5 проценти во 2030 година.

Сепак, последните податоци на Асоцијацијата на производители на автомобили во Европа, АЦЕА покажуваат дека два процента од сите продадени возила во Европската Унија во 2018 година биле електрични, а 3,8 проценти биле хибридни возила.

Акцентот на возила со 0 емисија на штетни гасови е јасен, доколку се земе предвид дека две третини од нафтата во Европската Унија се користи во транспортот. Струјата од обновливи извори е единствен енергенс што Европската Унија може да го произведува локално, додека европскиот пазар е целосно зависен од нафта од увоз. Нафтата и нафтените деривати учествуваат со околу една третина во вкупната потрошувачка на енергија во Европската Унија, додека околу 90 проценти од потребите за нафта и нафтени деривати Европската Унија ги задоволува од увоз.

Со цел декарбонизација, засега најдобра и најшироко распространета технологија за нулта емисија на штетни гасови се електричните возила на батерии, пишува во Извештајот на Европската федерација за транспорт и животна средина (ЕФТЕ).

Цените на електричните модели сѐ уште се високи во споредба со конвенционалните дизел и бензински возила, но според Блумберг електричните возила во некои сегменти се очекува да се изедначат со конвенционалните модели околу 2022 година.

Според Европската федерација за транспорт и животна средина најважно за потрошувачите во Европа се вкупните трошоци за поседување на возилото, односно при избор на ново возило сѐ повеќе се земаат предвид и трошоците за гориво, одржување и регистрација и осигурување. Истражувањето на Организацијата на потрошувачи на Европската Унија покажува дека во 2024 година во просек трошоците за користење на електрично возило во текот на четири години ќе биде исто со тие за возење на бензинско или дизел-возило.

МАКПЕТРОЛ ИНФО-ПОИНТ

Следете не и на:

24AUTO NETWORK