Автомобилите и мотоциклите кои користат бензин и дизел ќе бидат забранети во Амстердам до 2030 година со цел прочистување на воздухот во градот.
„Загадувањето е често тивок убиец и еден од најопасните фактори за здравјето во Амстердам“, вели советничката за сообраќај во Амстердам, Шерон Дијксма.
И покрај тоа што голем дел од Холанѓаните возат велосипеди, загадувањето во Холандија е на повисоко ниво отколку што дозволуваат европските правила особено поради големиот број на возила во Амстердам и во Ротердам.
Минстерството за здравје на Холандија предупредува дека моменталното ниво на азот-диоксид и честичките во воздухот можат да доведат до заболување на респираторните органи и да го скратат животниот век дури за една година.
Од градскиот совет наведуваат дека планираат сите автомобили кои користат бензин и дизел да ги заменат со алтернативни методи на превоз, како што се електрични автомобили и оние кои користат водород како гориво. Веќе од следната година во градот ќе бидат забранети сите дизел возила произведени пред 2005 година.