Како најголем национален пазар на автомобили, Кина е и тоа како примамлива земја за многу производители. Последна во низата по Volkswagen, Mercedes, Jeep кој најави освојување на овој пазар е Ford.
Целта е премногу амбициозна барем според американските критичари, а најавите се дека во наредните три години компанијата ќе лансира дури 30 модели што во просек е по 10 нови модели секоја година.
Сите овие модели ќе бидат специјално развиени за потрошувачите на кинескиот пазар, а истите ќе бидат лансирани под брендовите на Ford и Lincoln. При тоа 10 ќе бидат целосно електрифицирани и со нив Ford ќе влезе во најавената жестока конкуренција во сегментот на електрифицирани автомобили.
Истовремено од Ford најавуваат дека ќе ја продлабочат соработката со локалните компании Changan Automobile и Jiangling Motors Corporation Group и тоа на полето на прозивдоството ,развојот, продажбата и маркетингот.
Инаку ова е само една од низата одлуки кои Ford ги соопшти изминатиот период. Така американскиот производител објави затворање на неколку фабрики ширум светот, намалување на бројот на вработени, повлекување на бројни модели од понудата, но и промени во раководните тимови на компанијата.