И кога сите мислат дека работите во Tesla конечно ќе се придвижат кон подобро, американскиот производител повторно се најде во центарот на вниманието. И овој пат како и претходно за името на Tesla се поврзуваат негативни вести. Како што пренесоа повеќето светски медиуми, американската организација “Consumer Reports” која уште од 1936 година ги споредува и оценува производите кои се нудат на американскиот пазар, му даде крајно негативна оценка на моделот 3.
Најголема дамка на извештајот на Consumer Reports e потребната должина за целосно сопирање на возилото. Така при брзина од 98 km/h на моделот 3 потребно е 46.3 метри за целосно сопирање што е најлош резултат од сите тестирани автомобили со исклучок на Ford F-150 чиј резултат е полош за 2.1 метар.
Покрај ова, како негативни страни во извештајот се потенцираат и лошата поставеност на командите кои се сместени на големиот 15 инчен екран кој според Consumer Reports е поставен на не толку дофатливо место за возачот. Друга лоша страна е и отсуството на потпирачи за раце на задните седишта. Покрај овие негативности, во извештајот е потенцирана најсилната страна која се огледа в автономијата која изнесува речиси 570 km. Во однос на ова, Tesla има остварено далеку најдобар резултат во однос на останатите тестирани автомобили.
По објавувањето на резултатите, Tesla веднаш ги оспори истите соопштувајќи при тоа дека моделот 3 има далеку подобри перформанси. Сепак тоа воопшто не помогна за негативната крајна оценка според која Consumer Reports не препорачува моделот 3 да биде следниот ваш автомобил.