Кога не оди, не оди, па макар и Tesla е во прашање. По сообрќајната несреќа во која учествуваше возило на Tesla и отворањето на истрага против оваа компанија, по финансиските проблеми и недостатокот на готовина како и по нервозното претставување на Маск пред инвеститорите во Њујорк, Tesla повторно се најде во центарот на вниманието. И овој пат како и претходно во прашање е лош настан кој негативно влијае врз репутацијата на американскиот производител.
Имено, во кантонот Тичино (Швајцарија) германски државјанин го удрил своето возило Tesla во заштитната ограна на автопатот во овој кантон по што возилото веднаш се запали и целосно изгорело. Пожарникарите кој дојдоа веднаш на местото на несреќата не успееја да го изгаснат пожарот, а оттаму наведуваат дека пожарот најверојатно настанал од погонската батерија која се оштетила како последица на силината на ударот.
По настанот со соопштение се огласи и портпаролот на Tesla кој изјави длабоко жалење поради оваа несреќа и додаде дека компанијата работи на утврдување на сите причини за предизвикување на истата. Со објава на Twitter се огласи и Маск кој повторно излезе со обвинување кон медиумите за нивното сензационалистичко известување за овој случај.
Инаку ова е само една во низата на сообраќајни несреќи во кои е вклучено возило на Tesla. Минатиот петок во Јута (САД) моделот S на Tesla се заби во пожарникарски камион со брзина од 100 km/h, а американските надлежни институции истражуваат уште две трагични несреќи во кои учествувале Tesla автомобили.