Twingo Cup викендов ќе „брмчи“ на Монца

ОБЈАВЕНО НА:

На познатата патека на која се возат и трките од Ф1 само во кокпитот на Twingo ќе дебитира и Бојан Петрушевски како дел од АКК Рено Спорт

Како дел од интернационалниот календар на Twingo Cup каде настапуваат и деветмина Македонци викендов ќе се возат две трки на историската патека во Монца во Италија. Тоа ќе биде прво појавување на овие мали „автомобилчиња“ кои сезонава предизвикаа големо внимание на другите европски патеки како на Ред Бул ринг и Хунгароринг.

Монца е една од најбрзите тркачки патеки каде традиционално се возат и трките од Формула 1. На два тркачки викенди и четири трки до крај на првенството (Монца и Серес), од деветтемина македонски возаци кои се борат за титулата во првенството на Македонија дури шестмина се со реални шанси да стигнат до титулата. На досегашните пет трки имаше три различни победници, Марко Блажевски, Давид Малинковски и Владимир Тренески.

Сега во игра се уште 80 бодови за победа (по 20 по трка) и сите опции се отворени. Најголеми шанси за титулата имаат Марко Блажевски (75 бода) и Давид Малинковски (65). Бодовната разлика меѓу нив е само 10 бода, во корист на Блажевски. Тој победи на трите последни трки.

Во втората група се уште четворица возачи: Владимир Тренески (49 бода), Ангелче Стојкоски (48 бода), Слободан Трајковски (46) и Зоран Мираковски (46 бода). Единствените двајца возачи што настапиле на сите досегашни трки и успеале да освојат бодови се Ангелче Стојковски и Слободан Трајковски. Четворицата возачи ќе ја чекаат шансата од позадина и можна грешка на водечкиот двоец.

Според програмата в сабота ќе биде навистина набиена агендата на Монца со два слободни тренинзи, квалификации и плус една трка. Во недела ќе се вози втората трка по што ќе се има почиста слика кој е поблиску до титулата. Вкупно 38 возачи се пријавени за Монца, и најмногу има од Словенија, потоа од Италија, Србија и Австрија.

Патеката во Монца е долга 5793 метри и има широчина од 10 до 12 метри што дозволува и престигнување речиси секаде со оглед на не толку големата брзина што ја развиваат возилата на Twingo Cup.

Ова е трета сезона од Twingo Cup што се бодува за првенството на Македонија, а севкупниот победник како награда ќе го добие електричното возило Renault Twizzy.

Следете не и на:

24AUTO NETWORK