Нов сервис за стриминг на музика се очекува од автопроизводителот Tesla.
Според најавите, Tesla веќе преговара со неколку големи музички брендови за можноста да воведе сопствен стриминг музички сервис, како дел од основната опрема во нивните автомобили коишто се поврзани со Интернет.
Деталите се сѐ уште обвиени во мистерија, но според некои извори Tesla е со намера да воведе систем сличен на Pandora. Ако ова е точно, компанијата ќе може да понуди една бесплатна верзија на сервисот со вклучени реклами, како и варијанта која ќе се плаќа и ќе биде без реклами.
Од Tesla сѐ уште се воздржуваат од коментари во однос на очекуваната новина, но портпаролот на компанијата не ја демантира веста. “Веруваме дека е важно во нашите автомобили да имате посебно доживување, така што нашите потрошувачи ќе можат да ја слушаат музиката која ја сакаат од изворот што ќе го одберат. Нашата цел е да едноставно да постигнеме максимална среќа за нашите потрошувачи“, вели портпаролот на компанијата.
Иако новиот сервис ќе ја издвои Tesla од мноштвото електрични автомобили кои допрва доаѓаат, сепак не се очекува тој да биде пресуден фактор при избор на ново електрично возило. Сервисите Apple Music, Pandora и Spotify веќе имаат милиони корисници и може да биде тешко да ги натераат да го променат сервисот.