Suzuki останува во популарниот MotoGP шампионат најмалку до 2026 година. Ова следи откако јапонскиот производител го потпиша договорот за учество во следната сезона, а кој е со траење до крајот на 2026 година.
Договорот е потпишан со организаторите и според истиот, во наредните сезони Suzuki ќе настапува под актуелното име, Team Suzuki Ecstar.
Suzuki негува долга и богата традиција во овој шампионат. Без прекин настапува уште од 1960 година. Минатата година овој производител одбележа 100 години постоење и 60 години откако е дел на тркачките патеки ширум светот. Токму и минатата година успеа да дојде и до титулата во ова мото натпреварување.
Актуелната сезона за овој тим настапуваат Жоан Мир и Алекс Ринс. По три одржани трки во конкуренција на конструктори, јапонскиот производител со 42 поени се наоѓа на третата позиција, зад Yamaha и Ducati, а пред Aprilia, KTM и Honda.