По падот во април од 4.8%, продажбата на нови автомобили во САД за мај месец бележи раст од 4.7%. Ова го покажуваат последните податоци според кои во мај месец е остварена продажба од 1.590.729 нови автомобили.
Најпродаван бренд и натаму останува Ford со остварена продажба од 231.772 нови автомобили што е благ пораст од 0.8% во однос на истиот месец минатата година. Со оваа бројка, Ford е првиот бренд на американскиот пазар кој годинава ја надмина бројката на продадени 1 милион нови автомобили.
Така од почетокот на годината до крајот на мај американскиот производител на овој пазар оствари продажба од 1.001.442 нови автомобили што доколку го споредиме овој перформанс со истиот период минатата година, претставува пад од 1.8%.
На втората позиција се наоѓа Toyota со продадени 189.930 нови автомобили или пад од 1.5% во однос на мај 2017 година. Најдобрата тројка ја сочинува уште Chevrolet кој забележа пораст од 11.8% и оствари продажба од 182.132 нови автомобили.
Во Топ-20 најпродавани брендови, најголем пораст забележа Jeep и тоа од 28.8%. Така овој бренд кој е дел од FCA групацијата во мај оваа година забележа продажба од 97.287 нови автомобили наспроти 75.516 продадените автомобили во мај минатата година. Со ова може да се каже дека Jeep е најголем победник во мај на американскиот пазар и тоа благодарение на зголемената продажба на новиот Compass.
Најдобро рангиран европски производител е Volkswagen кој со продадени 31.211 автомобили се наоѓа на 13та позиција. Инаку малку недостасуваше Volkswagen да го изгуби приматот на најпродаван европски бренд во САД откако Mercedes-Benz забележа пораст од 0.4% односно забележа продажба од 30.077 автомобили што е за малку повеќе од 1.000 заостанување зад VW.
Порастот од 4.7% во мај е втор најголем процентуален пораст во САД годинава по март каде беше забележан пораст од 6.4%.