Трет месец по ред продажбата на нови автомобили во Европа (ЕУ+ЕФТА) бележи пад. Официјалните податоци од ACEA (автомобилска асоцијација) покажуваат дека продажбата на нови автомобили минатиот месец изнесува 1,16 милиони автомобили.
Лидерот по продажба, Volkswagen Групацијата забележа пад од 11%, а најголем придонес за тоа има Audi чија продажба во ноември забележа пад за 41%. Единствено, Skoda и Seat како дел од оваа Групација забележаа пораст и тоа само од 0.5%.
Пад е забележан и кај PSA Групацијата. Така, вкупната продажба на Peugeot, Citroen и Opel/Vauxhall забележа пад од 6.1% минатиот месец. Нешто поголем пад забележа и француската мултинационална групација Renault чиј пад изнесува 16%. FCA забележа пад од 8%, и тоа 47% намалување кај Alfa Romeo, 29% кај Jeep и 11% кај Fiat.
Сите јапонски и јужнокорејски производители забележаа процентуално намалување, а исклучок е Toyota чија продажба скокна за 3.5%.
Од оние кои можат да се пофалат со пораст на продажбата се Jaguar со процентуален пораст од 46%, Volvo со пораст од 12% и Mercedes-Benz со пораст од 4.2%.
Главна причина за падот на продажбата во Европа се наведува новата регулатива за емисијата на издувни гасови која произлегува од новите WLTP процедури. Оваа регулатива на сила стапи во септември годинава од кога започна трендот на негативен прираст на продажбата на нови автомобили.