Јужнокорејскиот производител Hyundai во новата генерација на Santa Fe положува многу надежи. Со цел да “украде” што е можно повеќе од пазарниот колач, Hyundai воопшто не штедеше во квалитетни материјали и технологија.
Последната вест поврзана со Santa Fe доаѓа од Кина каде овој модел во Кина ќе се продава и со можност за отклучување на автомобилот со отисок од прст или популарно познато како фингерпринт. Ова го потврдија и корејските весници кои додадоа дека овој модел со оваа технологија нема да биде достапен во останатите земји.
Биомерискиот сензор ќе биде поставен на предните две врати, а технологијата овозможува меморирање на повеќе од еден отисок. Во зависност на тоа кој возач ќе ја отклучи возачката врата, автоматски ќе се подесува и позицијата на управувачот и позицијата на предното седиште како и аголот на ретровизорите. Со надоградбата на постоечкиот софтвер ќе биде возможно и меморирање на температурата и останатите подесувања и на ниво на корисник односно возач.
Со ова Hyundai полека, но сигурно влегува во групата на автопроизводители лидери во поглед на технологијата. Од таму додаваат и дека овој систем ќе има грешка од 1 на 50.000, исто колку и Apple TouchID технологијата.