Кога нема трки дома мора во странство: Македонец дели возачки лекции во Србија

ОБЈАВЕНО НА:

Во отсуство на трки на домашната сцена некои од македонските возачи решија да се испробаат во странство, па и покажаа дека на тлото на Македонија постојат мноштво добри тркачи. Почнувајќи од Иџе Стефановски, Виктор Давидовски, Ристо Вуков….сега со интернационално искуство, но и со успеси се појавува Филип Џуклески. Тој настапува во првенството на Србија каде лани беше вице-шампион во неговата класа Е1-1400 см3.

„Оваа натпреварувачка сезона за мене лично требаше да започне со трката во Котор, Црна Гора, ридско-планинска трка од календарот на FIA CEZ (Централно Европска Зона). Во однос на финансиите кои се комплетно лични и плановите уште пред да настане кризата со Ковид-19 намерата беше да учествувавм на барем седум од вкупно 15-те трки во календарот за 2020 година. Како што се сменија глобалните планови на повеќе полиња, исто така и моите планови за настап на овие натпревари останаа само сон за некоја следна сезона. Сепак потребата за адреналин не остана скротена, вели Џуклески во разговорот за 24Ауто.

Тој сега вози за тимот на АМСК КВ рејсинг од Краљево и беше еден од неколкуте македонски возачи што решија да настапт во соседството. Сепак Џуклески зад себе имаше добри резултати. Интересно е што многу возачи решија да настапуваат со странска лиценца и во друга земја.

„Моменталното раководство во Македонија има за цел да го доведе овој спорт во нашата држава до дното. Водена е од комплетно истрошен кадар кој не е способен да ја извршува фукцијата за која е поставен и сето тоа личи на еден голем циркуз во кој ние, возачите, оние „обичните“, сме главните заморчиња, тркачите, за оние малкумина со ситни и приватни лични интереси, но јасно е веќе одамна дека не им е спортот на првото место. Не би сакал да навлегувам во политички моменти, ниту некого лично да навредам, но овде, во овој циркуз, се ми личи дека некој лечи комлекси. Во 2018 година бев прогласен за Шампион на ридски патеки и вицешампион на кружни патеки, во бројна и силна конкуренција, но секако некој реши истото да пробува да ми го одземе или воопшто да не го вреднува. Во последната сезона распишаните шампионати на Македонија се доведени до едно толку многу ниско ниво и вратени во времето пред 90-тите, далеку пред онаа златна ера во автомобилизмот, вели Џуклески.

Ковид-19 поремети планови на многумина. Трките беа откажани, презакажани, имаше проблеми со патувањата, транспорот.

„Кога веќе плановите се поместија на неопределено со настапите на натпреварите од FIA Hill-climb CEZ календарот, следната солуција после укинување на задолжителните периоди поминати во карантин беше размислувањето за настап на дел од натпреварите од изменетиот календар на Државниот Шампионат на ридски патеки на Србија. За жал, повторно, ситуацијата со границите, транспортот, комуникацијата и сличните потешкотии кои произлегоа од навистина сериозната здраствена ситуацијата со Ковид-19 вирусот која јас лично ја сваќам навистина сериозно, почитувајќи ги препораките на СЗО и Министерството за Здраство, решив дека подобро би било да почекам на некои подобри моменти, па така и таа опција набрзо отпадна, вели Џуклески. „Шампионатот пак на кружни патеки на Србија првично беше планиран да брои пет натпревари кои би се возеле на патеката во Краљево (Берановац), Бања Лука (Залужани), Чавле-Ријека (Гробник), Белград (Ушче) и Мишелук (Нови Сад). Оние натпревари кои беа закажани на патеките надвор од Србија, многу набрзо беа најавени најпрво за одложени, па потоа и откажани. Останаа само три натпревари кои се минимумот за Шампионатот да има можност воопшто да се одржи и воедно да биде прогласен.

По откажување на настапот на Берновац, Џуклески настапи на Ушќе, со позјамена приколка, со максимални напори тлогистички да стигне на трката. И веднаш го покажа својот квалитет, заврши како второпласиран. И на следната трка на Берановац пак покажа дека е кадарен за големи успеси. Повторно го освои второто место и освои 18 бодови.

Последниот натпревар бил особено интересен и неизвесен за Џутески.
„Поради тактизирање со пневматиците, од аспект на тоа што патеката сериозно ги истрошува, а имав само четири (4) нови, на тренингот морав да користам стари кои беа во солидна состојба. Знаејќи дека моето возило е послабо подготвено во аспект на перформансите на моторот (припремено е за во класата Е1-1200, која за жал во Шампионатите на САКСС не постои), пред се од конкуренцијата, а по добриот старт во Саботата кога успеав да поминам три возила до првата кривина, знаев дека единствен начин да го поминам конкурентот пред себе, е да се повтори истото. Веројатно имав повеќе концентрација на стартот или пак можеби едноставно среќа, од конкурентот Милош Милошевиќ, тоа и се случи, најпрво со заеднички „сили“ поминавме двајца возачи од појаката класа Е1-1600, а потоа пред самата кривина успеав да го поминам и Милош. Позади воланот знаеш дека мора да сториш се за да го стигнеш конкурентот и дека тоа нема цена. Тоа се случи веќе во деветтиот круг од вкупно десет кои се возеа, а имав само една шанса за напад, тоа беше првата кривина учејќи од предходните два кругови возејќи позади него каде би можел да нападнам. Во покасно сопирање но комплетно сигурно, без претерување или хазардерско возење, влегов од внатрешната страна на кривината веднаш до него, од која знаев дека имам подобар излез поради односот на менувачот и веројатно подобрите пневматици, истиот круг го направив и својот најбрз круг тој ден со што задоволен, со неизмерна среќа, коктел од измешани чувства благодарение на таа некоја чудна хемија на хормони го видов знамето на стартно-целната рамнина и знаев дека тоа е момент за уживање. Тоа ме донесе повторно до пиедесталот, на второто место и нови осуманесет (18) бодови доволни за вицешампионска титула во Шампионатот на кружни патеки на Србија во конкуренција од седум (7) натпреварувачи, објаснува Џуклески.

Сега веќе се прават планови за следната сезона, и се ќе зависи од ситуацијата со Ковид-19 и можностите да се вози надвор и од FIA Hill-climb CEZ календарот или повторно со нови сили, кон подобри резултати со настап на Шампионатот на кружни патеки.

 

Следете не и на:

24AUTO NETWORK