ХЕЛЕНИК ПЕТРОЛЕУМ ги објави своите консолидирани финансиски резултати за третиот квартал на 2021 година, со прилагодена ЕБИТДА од 125 милиони евра, што е зголемување од 90% во споредба со третиот квартал на 2020 година и 58% во споредба со вториот квартал на 2021 година, со соодветен нето приход од 39 милиони евра. Исто така, пријавениот нето приход за првите девет месеци од 2021 година достигна 258 милиони евра, што е подобрување за над 600 милиони евра во споредба со минатата година.
Резултатите беа главно водени од закрепнувањето на побарувачката на нафта во сите клучни пазари, како и подобрувањето на референтната маржа за преработка, после неколку квартали на историски најниски нивоа. Позитивно влијание имаа и силните оперативни достигнувања во рафинирањето и маркетингот, како во Грција така и на меѓународно ниво, како и првите резултати од програмите за стратешка трансформација. Значителен дел од оперативното подобрување беше неутрализиран со порастот на трошоците за енергија и цените на дозволените емисии на CO2, што стана еден од најважните предизвици за индустриите во Грција и на меѓународно ниво.
Резултатите од петрохемијата продолжија да се подобруваат, бидејќи побарувачката на производи ја надминува сегашната понуда. Во домашниот и меѓународниот маркетинг, каде веќе две години се спроведува план за проширување и надградба на малопродажната мрежа, продажбата и профитабилноста беа повисоки.
Придружните компании во секторот електрична енергија и гас забележаа уште еден квартал со подобрени резултати, главно поради поголемата побарувачка на електрична енергија.
Финансиските резултати пријавени по МСФИ дополнително се подобрија, поради континуираното зголемување на цените на суровата нафта и нафтените производи, со ЕБИТДА за 9М21 од 531 милиони евра и нето добивка од 258 милиони евра.
Стратегија и главни случувања
Продолжува процесот на корпоративно преструктуирање на Групацијата. Новата корпоративна структура ќе има повеќекратни придобивки во однос на флексибилноста во развивањето и финансирањето на нови активности, управувањето со ризикот, како и подобрување на транспарентноста на вредноста низ целото портфолио на активности на Групацијата.
Групацијата ќе ја спроведе својата стратешка трансформација насочена кон одржлив раст и транзиција кон економија со ниски емисии на јаглерод. Имајќи го предвид статусот на компанија со висока потрошувачка на енергија, стратегијата на Групацијата се фокусира на постојано подобрување на енергетската ефикасност и користењето на алтернативни извори на гориво, додека како производител Групацијата ќе се фокусира на снабдување на пазарот со гориво од новата генерација произведено по најсовремени стандарди и спецификации. Друг клучен аспект на стратешката трансформација на Групацијата е забрзувањето на проектите кои се фокусираат на обновливи извори на енергија, како и на пазарите за природен гас и електрична енергија.
До 2030 година, Групацијата ќе се обиде да го подобри својот јаглероден отпечаток за 50%, а оваа цел претставува еден од клучните критериуми за сите нејзини деловни одлуки. Во завршна фаза се инженерските работи на 204 MW фотоволтаичен парк во Кожани, кој е еден од најголемите од ваков тип во Европа. Четиринаесет од осумнаесетте паркови – што кореспондира со 166 MW – веќе се механички завршени, додека поврзувањето со високонапонската мрежа и комерцијалната работа се очекуваат во првиот квартал од 2022 година.
Побарувачката на пазарот на гориво постојано се подобрува
Што се однесува до домашниот пазар, укинувањето на ограничувањата за движење и патувања, како и рестартирањето на економијата и туризмот во текот на овој квартал, резултираа со зголемување на побарувачката на горива за 8% на годишно ниво, достигнувајќи ги нивоата од 2019 година. Вкупната побарувачка на домашниот пазар изнесуваше 1,6 млн. тони, што е – 1% во споредба со третиот квартал на 2019 година.
Во меѓународниот маркетинг, зголемувањето на продажбата во малопродажните мрежи и добрите оперативни резултати ја доведоа прилагодената ЕБИТДА во третиот квартал од 2021година до 20 милиони евра (+15%).