Германски ADAC им порача на членовите да возат помалку, да успорат, за да ја намалат зависноста од руската нафта

ОБЈАВЕНО НА:

Инвазијата на Русија врз Украина поремети многу работи во светот, а најмногу се создава енергетска криза во Европа каде многу земји се зависни од природниот гас што доаѓа токму од Русија. Во сите земји постои вознемиреност бидејќи веќе трет месец како трае инвазијата и борбите во Украина. Германскиот авто клуб –
ADAC (Allgemeiner Deutscher Automobil-Club) испрати отворено писмо до своите членови охрабрувајќи ги да возат помалку.

ADAC „апелира до членовите на клубот да трошат помалку гориво и на тој начин да ја намалат зависноста од увоз на сурова нафта“, пишува во писмото. „Зависноста на нашата земја од рускиот увоз на енергија стана многу јасна. Ова го прави уште поважно нивното брзо намалување. Секој поединец може да даде свој придонес во ова“.

Писмото беше објавено истиот ден кога Газпром, мнозинската руска државна меѓународна енергетска корпорација, објави дека ќе престане да ги снабдува со свои производи Бугарија и Полска. Тоа предизвика дополнителна загриженост во Германија, која исто така зависи од нафтата од Русија.

Европската унија ги нарече дејствијата на Русија „инструмент за уцена“ што ја покажува „несигурноста на земјата како снабдувач“, пишува Би-Би-Си. Сепак, Кремљ рече дека одговара на „непријателските чекори“ преземени од западните нации.

Меѓутоа, ADAC ги охрабрува своите членови во Германија да бидат проактивни и да забават кога возат или да избегнуваат целосно возење секогаш кога е можно.

„Ве молиме да проверите дали и без кои патувања со автомобил би можеле да бидете“, напиша ADAC. „Ако имате добар пристап до јавниот превоз, треба повеќе да го користите. Некои правци може да се поминат и со велосипед или пеш“.

Германската влада, пак, претходно изјави дека сака да ја одвикне земјата од увозот на руска нафта до крајот на годината, како одговор на конфликтот во Украина.

Следете не и на:

24AUTO NETWORK