Renault се подготвува да ги врати погоните со внатрешно согорување – но во нова улога. Следната генерација на Mеgane и Scenic, планирана кон крајот на деценијата, повеќе нема да биде строго електрична: брендот развива нова мулти-енергетска платформа што ќе поддржува целосно електрични, сериски хибриди со бензински генератор (range-extender) и plug-in хибриди. Целта е да се засили настапот во клучниот C-сегмент, каде што актуелниот Mеgane E-Tech се бори со темпото на продажба.
Електричните градски модели на Renault (како Twingo и R5) успешно го погодуваат вкусот на купувачите, но семејните хечбек/кросовер клиенти често бараат поголема автономија и флексибилност на долги патувања. Новото раководство јасно стави до знаење дека „поголемите автомобили се приоритет“ и дека марката мора да понуди повеќе решенија во ист пакет – без да се откаже од електричниот фокус.
Каков хибрид планира Renault?
Најизвесно сценарио е серискиот хибрид (range-extender): автомобилот се движи само на електромотори, а компактен бензинец работи како генератор за полнење на батеријата – без механичка врска со тркалата. Филозофијата е слична на Nissan e-Power: целосно електрично чувство во возење, но без „анксиозност“ за домет. Како технолошка база за термалниот модул логично се наведува Horse – заедничката компанија на Renault и Geely (со Aramco) која веќе има компактен генераторски агрегат усогласен со идните еко-норми.
Идната модуларна архитектура (внатрешно позиционирана како PPC) ќе ги обедини Megane и Scenic со денешните хибридни Austral/Espace/Rafale, но со обратна логика: електричниот пакет е „основата“, а термалните модули влегуваат како дополнување каде што има смисла. Овој пристап им дозволува на инженерите да скратат развојни циклуси и да намалат трошоци, а на купувачите – да изберат изведба според навиките во возење и инфраструктурата за полнење.
Додека трае развојот на новата платформа, Renault тестира фејслифт на актуелниот Megane: визуелни измени, повеќе помошни системи и нова батерија. Денес врвната е 60 kWh (до приближно 459 км. според WLTP); логично е надградбата да се движи кон капацитет и домет поблиски до Scenic со 87 kWh (до приближно 615 км), а ориентација дава и новиот Nissan Leaf со 75 kWh. Целта е Меган да остане конкурентен на пазарот додека пристигне целосно новата генерација.
Со range-extender и PHEV варијанти, Megane и Scenic ќе можат да ја покријат целата палета на потреби – од градско секојдневие до семејни рути од повеќе стотици километри.









