ЕУ забранува продажба на возила со бензин и дизел од 2035 година

ОБЈАВЕНО НА:

Европскиот парламент даде конечно одобрение за задолжителна примена на нула стапки на емисии за нови автомобили и комбиња од 2035 година. Оваа одлука на ЕУ значи дека за 12 години нема да се продаваат нови автомобили на бензин и дизел.

Новите стандарди за емисија на јаглерод диоксид за автомобили и комбиња се дел од законодавниот пакет „Подготвени за 55“, а одлуката беше поддржана со 340 гласа „за“, 279 „против“ и 21 воздржан.

Регулативата беше поддржана од претставници на социјалдемократите, зелените и либералите во Европскиот парламент.

„Со оваа регулатива се поттикнува производството на возила со нула и ниски емисии. Тие цели обезбедуваат јасност на автомобилската индустрија и ги поттикнуваат производителите на автомобили да иновираат и инвестираат. На потрошувачите ќе им биде подостапно да купуваат и користат возила со нула емисија на штетни гасови, а пазарот за користени возила ќе се развива побрзо. На овој начин одржливиот транспорт ќе стане достапен за секого“, изјави Јан Хуитема известувачот на Либералниот клуб

Тоа значи дека за 12 години повеќе нема да може да се продаваат нови автомобили со дизел и бензински мотори, туку само нови возила без штетни емисии. Преодните цели за намалување на штетните емисии за 2030 година се 55 отсто за автомобили и 50 отсто за лесни комерцијални возила.

Во пракса, тоа значи дека новите автомобили и комбиња на пазарот повеќе нема да смеат да испуштаат јаглерод диоксид, но автомобилите со мотори со внатрешно согорување нема да исчезнат од патиштата.

Граѓаните и по 2035 година ќе можат да ги возат своите постоечки автомобили со мотори со внатрешно согорување, па дури и да купуваат половни автомобили на бензин и дизел.

По конечното гласање на пленарната сесија на Европскиот парламент, текстот сè уште треба формално да биде одобрен од Советот пред да биде објавен во Службениот весник на ЕУ.

 

Следете не и на:

24AUTO NETWORK