Во моментов главната цел на авто индустријата е премин од моторите со внатрешно согорување кон оние на електричен погон. Во Европа веќе има цел после 2035 година сите возила да бидат електрични, односно да не користат фосилни горива. Но, и покрај ваквата тенденција од Германија, најголемиот автомобилски производител и пазар за продажба на нови возила е против ваквата одлука.
Германскиот министер за транспорт Фолкер Висинг се спротивстави на Европската унија, велејќи дека неговата земја се противи на „убивањето“ на моторите со внатрешно согорување по 2035 година во Европа. Ова се случи за време на состанокот со други европски земји во близина на Париз. Таму Висинг рече дека моторите со внатрешно согорување ќе мора да се зачуваат по 2035 година.
За да се постигне тоа, германските власти ќе дозволат продажба на автомобили со мотори со внатрешно согорување, но само доколку тие се напојуваат од синтетички горива. Овој тип на гориво ќе им овозможи на автомобилите со конвенционални мотори да останат на патот, притоа намалувајќи ги штетните емисии што традиционалните горива ги испуштаат при согорување.
Во последните години неколку компании започнаа сериозен развој и тестирање со синтетички горива, а една од нив се и Германците од групацијата Volkswagen.
Лани во септември слична вест стигна и од Италија, но тогаш властите побараа од локалните производители да добијат одложување за суперавтомобилите што ги произведуваат. Уште тогаш многу производители на автомобили велеа дека правилото треба да важи за сите или никој да не биде опфатен со него.