Кинеските производители веќе подолго време наоѓаат начини за тоа како да влезат на европскиот пазар. Изминатата деценија се појавија неколку брендови, но поради лошата репутација и недоволните технички квалитети, нивниот претстој на “Стариот континент” беше краток.
Во низата производители кои објавија дека ќе го нападнат и овој пазар е и BYD Auto – кинески производител за на електрични возила кој е втор во Светот по Tesla.
Планот на оваа компанија е во втората половина од годинава најпрво да влезе на пазарот во Норвешка, а од следната година постепено да се шири и во останатите земји. Не е воопшто случајно зошто е избрана оваа земја. До минатата година, пет години по ред оваа земја беше лидер во Европа според бројот на продадени електрични возила, а во моментов е втора.
Оттука со цел да се искористат преференциите на тамошните купувачи, BYD во оваа скандинавска земја ќе го лансира моделот Tang EV600 кој има домет до 520 км со едно полнење. Секако, подоцна ќе се појават и други модели, а цените на истите се очекуваат да бидат доста конкурентни на Tesla, VW и Nissan.