Со инвестицијата од над 1 милион евра најпопуларниот ски центар во државата новата скијачка сезона ќе ја стартува ребрендиран како Ресорт Маврово. Се очекува за две недели и официјално да почне скијачката сезона, а во отсуство на снег ќе се користи и новата опрема за заснежување што е монтирана.
Во продажба се пуштени и билетите за оваа сезона за скијање и користење на другите услуги, Од следниот месец Ски центарот Маврово воведува и нов онлајн систем за купување на ски карти, односно за карти со надополнување.
Новата скијачка сезона Ресортот ќе ја отвори со веќе препознатливите единаесет ски-лифтови, три жичари со вкупна должина од 5.700 метри, 25 километри скијачка патека и капацитет од 11.100 патници на час. Можност за скијање на висина од 1.255 до 1860 метри надморска височина, а за професионална подготовка на патеките се користат шест ратраци. И годинава Ресортот ќе понуди можност за ноќно скијање во периодот од 19 до 22 часот на озвучените и осветлени патеки.
Под овој бренд на Ресорт Маврово се вклучени и Хотел Бистра, Хотел Спорт, Хотел Лоџ и Спортскиот центар Маврово. Во богатата и разновидна понуда на Ресорт Маврово остануваат веќе познатите содржини како Галичко бачило, Старо бачило, Трифкова колиба, Клуб Ратрак и пицеријата Ски-школа, како и пејзажните ски патеки на планината Бистра по кои е препознатлив ски центарот.
Вкупниот сместувачки хотелски капацитет во Ресортот е 240 места, и радува што постојано се бара легло повеќе, и очекуваат да постигнат уште подобри резултати.
„Поголемите инфрастуктурни инвестиции започнаа во 2018 година кога од реномираниот италијанско – австриски производител DemacLenko набавивме и монтиравме современа опрема за заснежување и правење вештачки снег. Таква опрема се користи во светските познати ски центри како што се Шамони, Кицбил, Ст. Мориц, Кронплац. Инвестиравме во 19 шахти, 9 снежни топови, 4 снежни етикови. Системот за вештачки снег на Едносед стазата е во должина од речиси 2 километри и целосно ја покрива стазата. Вкупната инвестиција само во овие активности е 1.000.000 евра“, објанува Огњан Циговски, директорот на групацијата К.А.К.
Инвестицискиот циклус во 2019 година опфати набавка на современа опрема од DemacLenko за заснежување и правење вештачки снег на ски патеката Маврово 2 (патека двосед) во вредност од 600.000 евра. Патеката двосед е проширена и отворена е и новата ски патека „52”. Патеките се обележани со знаци и поставени се снежни огради.
Покрај во зимскиот период во Спортскиот центар Маврово се користи и во леттните месеци и тоа терените на отворено и спортска сала. Спортскиот центар Маврово оваа година од мај до октомври месец беше домаќин на повеќе спортски школи, тимови и репрезентации за тренинзи и подготовки, тие ги користеа надворешното фудбалско игралиште, малото бетонско кошаркарско, фудбалското и тениското игралиште, како и ново опремената спорстска сала за тимскии спортови и фитнес.