Јапонскиот производител Subaru е приморан да уништи речиси 300 нови автомобили поради пропуст на роботите. Како што соопштуваат од Subaru, во текот на месец јули годинава, поради грешки во софтверот за роботи кои ги заваруваат носачите на кровот, речиси 300 автомобили од моделот Ascent беа произведени со грешки. Поради тоа, Subaru ќе мора во целост овие автомобили да ги уништи.
Како што допрецизира Националната агенција за бебедност во сообраќајот на САД (NHTSA), проблематично е заварувањето на централните B столбови на автомобилот. При тоа во случај на сообраќајна незгода, поради оваа грешка може да биде загрозена структурата на возилото што може да доведе до повреди на патниците.
Сепак, од производителот најавуваат дека сопствениците на автомобили од овој модел не мора да се грижат бидејќи само 9 од спорните автомобили биле испорачани до купувачите. До сопствениците веднаш е испратено барање за повлекување на истите, а сопствениците ќе добијат целосно нови автомобили.