Ќе беше премногу чудно доколку пред две децении беше објавено дека наместо ретровизори, автомобилите ќе имаат камери. Сепак денес тоа е очекуван епилог на брзиот развој на технологијата чија примена во автомобилите е се поголема и поголема.
Таков е случајот со новиот E-Tron модел на Audi кои наместо ретровизори, благодарение на напредната технологија, ќе биде понуден и во изведба со странични камери. Со ова новиот електричен кросовер на Audi се намалува во широчина за 15 cm, а исто така доаѓа и со подобре коефициент на отпор и тоа благодарение токму на страничните камери.
Сликата која ќе ја продуцираат овие камери ќе биде прикажана на OLED екранот поставен помеѓу инструменталната табла и вратата, а според кажувањата на Audi, возачот ќе може да избере еден од трите различни мода на поглед во зависност од состојбата.
Инаку продукциската верзија на овој модел ќе биде премиерно претставена на 30 август годинава на Audi самитот кој ќе се одржи во главниот град на Белгија, Брисел. Производство се очекува да започне во 2019 година.