Nissan Motor Co води преговори за заем во висина од дури 500 милијарди јени што е еднакво на 4,2 милијарди евра. Преговорите се водат со банките, вклучувајќи и три јапонски мегакредитори, а причината е во падот на продажбите од што страдаат сите производители на автомобили ширум светот.
Компанијата побарала финансирање од Mizuho Financial Group Inc, Sumitomo Financial Group Inc, Mitsubishi UFJ Financial Group Inc и државната банка за развој на Јапонија. Преговорите се сè уште во рана фаза и детали околу тоа која банка каква сума ќе даде допрва ќе се објавуваат.
Производителите на автомобили низ светот забележуваат пад во продажбите, а тоа ги принудува да го намалуваат бројот на вработени и да го запираат производството. Toyota Motor исто така се одлучи да земе кредит, но со двојно поголеми размери од 1 трилион јени односно 8,4 милијарди евра.
„Додека имаме доволно пари за тековните активности ќе работиме на различни сценарија за да реагираме навремено доколку се појави голема криза“, велат од Nissan. Инаку, компанијата уште се опоравува од скандалот со поранешниот извршен директор, Карлос Гон, па главниот оперативен директор Ашвани Гупта најави дека компанијата ќе се справи со кризата место да оди на продажба.