Бузалковски реди победи во БМУ шампионатот

ОБЈАВЕНО НА:

Мотоциклистот од Македонија, Христијан Бузалковски од Ендуро тим Водно продолжува со победите во БМУ шампионатот во класата СП125. Новиот триумф доаѓа на патеката во Плевен во Бугарија каде уште еднаш немаше конкуренција и продолжува со доминацијата која ја почна уште од стартот на сезоната.

Тој уште во квалификациите покажа дека е одлично подготвен и на трката со одлично возење и контрола успеа да се избори за нов триумф со што останува цврсто на врвот во генералниот пласман.

Во Плевен Бузалковски настапи и на трката во класата Ф600. Тоа беше прв негов настап сезонава откако на првите четири трки се соочи со проблеми со моторот. Во оваа класа финишираше на 9. позиција.

Македонија имаше и четворица претставници во Ф1000. Таму Слободан Ивчевски (Сакамото МК), кој ја брани титулата од минатата сезона финишираше на 4. место. Игор Спиров (Ендуро тим Водно), кој е вицешампион поради проблеми со моторот на крајот заврши на 8. позиција, додека Благоја Мартиновски (Ендуро тим Водно), кој првпат е на патеката сезонава го освои 12. место. Четвртиот македонски натпреварувач, Сашо Николов (МК Мотори) не успеа да ја финишира трката и мораше да се откаже после два круга.

Следните возбудувања во БМУ шампионатот ќе бидат на патеката во Серес во Грција. Тоа ќе биде викенд со две трки на 7 и 8 јули. Овие две трки воедно ќе се бодуваат и за шампионатот на Македонија.

Следете не и на:

24AUTO NETWORK