Следната година во БМУ Европскиот шампионат Македонија ќе има свој претставник и во класата Ф600 што воедно ќе донесе уште поубави вести за Македонија. Таму ќе вози Христијан Бузалковски од Ендуро Тим Водно-Скопје, кој сезонава се натпреваруваше во најниската класа СП 125.
Тој веќе го доби новиот мотор со кој ќе се натпреварува на трките од шампионатот каде што годинава имаше одлични настапи. За следната сезона Бузалковски во еден викенд ќе вози два различни мотоцикли во две различни класи.
„Имам нов мотор за натпреварите од класата Ф600. Се работи за Jamaha R6, мотор кој е со тркачка спецификација и кој има околу 130 коњски сили. Ова ќе биде ново искуство за мене, а ќе биде и уште поинтересно тоа што следната година ќе се натпреварувам во две различни класи. Го задржувам моторот со кој и досега се натпреварував во СП 125, додека со новиот Јamaha R6 влегувам во класата Ф600“, вели Бузалковски, со што ќе биде првиот Македонец кој ќе се натпреварува во две различни класи во еден викенд.
Календарот за 2018 година треба да биде познат на 11 декември кога ќе биде прогласувањето на најдобрите во шампионатот на Бугарија, а се очекува следната година покрај Бузалковски во двете класи да се натпреварува и Милен Георгиев од Бугарија. Нивното ривалство со ова ќе стане уште поголемо и уште повозбудливо.