Транспортниот оператор од Франција, Citram Aquitaine пушти во промет експериментален автобус, Scania, кој работи на биогориво од остатоци од грозје. Автобусот сообраќа на линијата меѓу градовите Бордо и Блај, а благодарение на изобилството на суровини од производството на вино во регионот движењето е без проблеми.
Локалните винарии секоја година истураат 100.000 тони остатоци од грозјето при правењето на вино и сè повеќе компании се ориентираат кон производсво на биоетанол ED95. Горивото се состои од 95% чист етанол. Останатото се адитиви како подобрување на палењето, средства за подмачкување и антикорозивни средства.
Според Raisinor France Alcools и други фирми за производство на биогориво од винарските суровини ED95 одделува 70% помалку саѓи, 50% помалку азотни оксиди и 85% помалку јаглероводороди во споредба со дизелот.
Недостатоците се пониска моќност и повисока потрошувачка. За јавниот транспорт во винарскиот реон како Аквитанија биогоривото од винарски суровини е сосема паметно решение.