Многу авто производители како последица на влијанието на локалните и регионални економски и социо-културолошки фактори развиваат и нудат различни модели на различни географски региони.
Така во САД претежно се нудат големи и моќни седани, во Јапонија автомобили што за нас Европјаните се со несфатлив дизајн, додека пак во Централна и Јужна Америка како и повеќето земји од Азија, нискобуџетни, помали автомобили со не толку богата опрема и голем квалитет. Тоа, за земјите од Азија, особено Индија, Бангладеш, Индонезија, Виетнам и околните земји како и Централна и Јужна Америка е така поради не толку развиената патна инфраструктура, и можеби најмногу поради социо-економската положба на населението во овие земји.
Еден од многуте такви автомобили е моделот Amaze произведен од страна на јапонскиот производител Honda. Иако за повеќето од нас (ако не и за сите нас) Honda е поим за премиум квалитет, сепак во Индија (и не толку околните земји), автомобил од овој производител може да купи секој односно овој производител нуди нискобуџетни автомобили достапни за повеќето во оваа азијска земја.
https://youtu.be/F7sh1F3tSiE
Овој модел за прв пат се појавува во 2013 година, а инжинерите во Honda истиот овој модел го креирале исклучиво за пазарот во Индија. Токму и во градот Ноида се врши производството на овој модел, а 90% од годишното производство е наменето за локалниот пазар.
Оваа година, поточно во февруари, на саемот за автомобили кој се одржа во Ноида беше претставена новата, втора генерација која се темели на истата платформа како и минатата генерација.
Должината на оовј модел изнесува 3.995 мм и го сместува овој седан во групата на мали, градски седани. Должината изнесува 1.695 мм додека пак меѓуоскиното растојание 2.470 мм. Тежината на овој модел изнесува 905 кг.
Во однос на понудата, Amaze се нуди во две опции: со бензински и дизелски мотор. Бензинскиот 1.2 литарски i-VTEC мотор постигнува 89 КС додека попопуларниот дизелски 1.5 литарски мотор доаѓа со 99 КС.
За разлика од моделите на Honda наменети за пазарите во Европа и Северна Америка, во внатрешноста на овој модел доминира пластиката, од не толку висок квалитет. Без многу гаџети, а со опција за автоматска клима и со команди на управувачот, овој модел може да биде ваш за нешто повеќе од 7 илјади евра, што го прави доста конкурентен на локалниот пазар, и цена незамислива за европскиот или на пример американскиот пазар.
Сепак Honda не може да се пофали со голема продажба од овој модел. Во Индија голема популарност имаат брендовите Tata и Maruti, па покрај моделите на овие производители кои имаат до 60% од индискиот пазар, Honda од овој модел минатата година продаде нешто над 10 илјади примероци.