Во 2025 година, Land Rover Discovery одбележува 35 години од лансирањето на првата генерација, воведувајќи две специјални изданија кои го спојуваат наследството, дизајнот и модерната функционалност. Tempest и Gemini се новите ексклузивни верзии кои ќе бидат достапни, за почеток, само на британскиот пазар.
Tempest Edition – најлуксузниот Discovery досега
Името Tempest не е случајно – тоа го носел проектот што ја донесе втората генерација на Discovery во 1998 година. Денес, ова издание претставува врв на понудата и најлуксузната верзија на актуелниот модел.
Каросеријата е достапна во мат нијанси: Charente Grey, Varesine Blue и Carpathian Grey, со бакарни детали (Petra Copper) и 22-инчни двобојни тркала. Покривот може да биде бакарнa боја или контрастно црн.
Внатрешноста блеска со Ebony Windsor кожа, сатен алуминиумски влошки и ексклузивни Tempest логоа на светлата, праговите и останати детали. Со седум седишта, премиум аудио систем, Terrain Response 2 и All Terrain Progress Control системи, оваа верзија е подготвена за и најсложените терени – со стил.
Gemini Edition – модерна почит кон оригиналот од 1989 година
Gemini изданието го слави оригиналниот Discovery и неговиот легендарен Tdi мотор. Надворешниот дизајн е инспириран од историјата, но со модерен пристап.
Новата нијанса Sedona Red, која никогаш досега не е користена на Discovery, е комбинирана со црн покрив и 21-инчни тркала. Решетките, браниците и амблемите се во затемнета, елегантна завршница.
Внатре, сè е насочено кон комфор за семејни патувања: вграден фрижидер, држачи за таблети за задните седишта и три-зонска клима.
Под хаубата – само дизел, но со сила
И двата модели доаѓаат со 3.0-литарски Ingenium D350 дизел мотор со 6 цилиндри, mild-hybrid технологија, 350 коњски сили и 700 Nm вртежен момент. Погонот на сите тркала и автоматскиот менувач со осум брзини гарантираат перформанси на секој терен.

Специјални пакети за секој стил на авантура
Land Rover дополнително воведе нови аксесоарски пакети, совршени за различни видови на патувања:
* Beach Days Pack – со организатори за багажникот, гумени патосници и носачи за кајак или сурф-даска
* Road Trip Pack – со пренослив фрижидер, сенки за прозорци, кровна кутија и додатоци за организирање
* Snow Days Pack – идеален за зима, со држачи за скии и зимски патосници
* For Dogs Pack – за патувања со миленици
* Biking Adventures Pack – за оние кои го носат велосипедот секаде
Цена и достапност
Цената за новите Tempest и Gemini изданија започнува од 64.810 фунти, или околу 77.000 евра на британскиот пазар. Сè уште не е потврдено кога и дали ќе бидат достапни и на други пазари.









