За остварување на целите за декарбонизација во транспортот неопходен е Закон за биогорива

ОБЈАВЕНО НА:

Зголемување на учеството на биогоривата до 10 проценти до 2030 година предвидува Стратегијата за развој на енергетиката во Република Северна Македонија до 2040 година, објавена во јануари годинава.

Стратегијата оценува дека декарбонизација во транспортот претставува еден од главните предизвици. Констатирано е дека дизел-горивото го придвижува растот на транспортот, додека користењето на обновливи извори на енергија е занемарливо.

– Финалната потрошувачка на енергија во транспортот се зголемува за девет проценти на годишно ниво, додека дизел-горивото што се користи во патниот сообраќај се зголемувало за десет проценти во периодот 2013-2017 година. Потрошувачката на обновливи извори на енергија во транспортот е помала од 0,2 процента годишно за периодот 2012-2015 година. Другите алтернативни извори, како што е биоетанолот, електричната енергија или биогасот во транспортот не се присутни, се вели во Стратегијата.

Уделот на биогоривата во транспортот се предвидува да се зголеми од 1,25 проценти во 2020 година до 10 проценти во 2030 и 2040 година. За таа цел важно е да се воведе постојана надградба на идните национални акциски планови за стимулирање и користење на биогоривата и на електричната енергија во транспортот со сеопфатна цел за намалување на емисијата на стакленички гасови и на локалното загадување.

– Со цел да се постигне учество од 10 проценти на биогоривата до 2030 година мора да се донесе Закон за биогорива и Акциски план во следните две години, се вели во Стратегијата како можни политики и мерки за поддршка на обновливите извори на енергија во транспортот.

Додека биодизел-горивото на македонскиот пазар има удел од само 0,2 процента,  сите дизел-горива продадени на бензинските станици во Европската Унија во 2017 година содржеле биодизел, а 87,6 проценти од бензинот содржел биоетанол. На нашиот пазар нема понуда на биоетанол.

Биогоривата претставуваат најоптимално решение за намалување на емисијата на CO2 од  транспортот. Половина од возилата на нашите патишта во 2018 година или над 208 илјади биле со погон на дизел-гориво и со просечна старост од 19,1 година. Тоа значи дека биодизел-горивото, со негова популаризација и помасовна употреба може да биде најдобра краткорочна мерка за намалување на загадувањето од транспортот.

Дополнително, дизел-горивото со биокомпонента му годи на моторот бидејќи обезбедува природно подмачкување на внатрешните делови, повисоката содржина на кислород, обезбедува почисто согорување и намалување на остатоците од согорување во моторот, додека повисокиот цетански број од тој на обичното дизел-гориво обезбедува посмирена работа на моторот и помало абење на деловите.

Макпетрол Инфо-Поинт

Следете не и на:

24AUTO NETWORK