Во Германија во ноември 2025 година се регистрирани 250.671 нови патнички автомобили, што е раст од 2,5% во споредба со истиот месец лани. Приватните купувачи се особено активни – приватните регистрации пораснале за 10,1%, додека службените и флотните регистрации бележат благ пад од околу 1% и сега учествуваат со 65,7% од пазарот.
Гледано од почетокот на годинава до крајот на ноември, германскиот пазар е во мал плус – вкупниот број на новорегистрирани автомобили е за 0,7% поголем во однос на периодот јануари – ноември 2024.
Кај домашните брендови, Ford го бележи најголемиот скок со плус 13,7% и пазарен удел од 3,6%. Audi расте за 9,5% и има удел од 7,6%, BMW бележи раст од 8,5% со удел од 9,7%, додека Volkswagen и понатаму е број 1 со 19,1% од сите нови регистрации. Во минус се Smart, Porsche, Mercedes и Opel.
Меѓу увозните марки, кинескиот BYD е една од главните вести – раст од над 800% и пазарен удел од 1,6%. Добро им оди и на Fiat, Seat, Citroen, Skoda, Dacia и Mazda, додека Peugeot, Toyota, Volvo, Renault, Hyundai и Kia бележат пад на регистрациите.
Електричните и хибридните возила продолжуваат силно да растат. Во ноември се регистрирани 55.741 целосно електрични автомобили (BEV), што е скок од 58,5% и пазарен удел од 22,2%. Plug-in хибридите имаат 32.433 регистрации и удел од 12,9%, а вкупно сите хибриди, вклучително и PHEV, се 103.349 возила, односно 41,2% од пазарот.
Класичните бензинци паднале на удел од 24,4%, што е 21,1% помалку од лани, а дизелите се на 11,8% со пад од 19,3%. Возилата на ТНГ (LPG) се на ниво од 0,4% со 1.033 автомобили, а на ЦНГ (CNG) воопшто не се регистрирани нови возила во ноември. Просечната емисија на CO2 кај новите автомобили е намалена за 14,4% и сега изнесува 98,3 g/km.
Во моделската топ листа доминираат Volkswagen и премиум германските брендови, со силно присуство на компактната и средната класа. Подолу е табелата со 10-те најпродавани модели во Германија во ноември 2025 година.
| Модел | Нови регистрации во ноември 2025 |
| VW Golf | 7.407 |
| VW T-Roc | 5.679 |
| VW Tiguan | 5.334 |
| BMW X1 | 4.743 |
| BMW серија 5 | 3.895 |
| Audi A6 | 3.885 |
| Skoda Octavia | 3.876 |
| Mercedes GLC | 3.709 |
| VW Passat | 3.707 |
| Mercedes Е-класа | 3.667 |









