По четири години ригорозно тестирање на издржливост, германската автомобилска асоцијација ADAC ѝ додели одлична оценка на електричниот модел Volkswagen ID.3. Тимот на инженери во Центарот за тестирање и технологии во Ландсберг ам Лех (Германија) помина над 160.000 километри, при што беа анализирани состојбата и перформансите на високонапонската батерија.
Батеријата останува во врвна форма
Клучниот заклучок: ID.3 Pro S моделот, кој има нето капацитет на батерија од 77 kWh, и по четири години има 91% од оригиналниот капацитет. За споредба, Volkswagen гарантира минимум 70% капацитет по осум години или 160.000 километри.
„Резултатот ја покажува импресивната изработка и квалитет на нашите ID. модели, дури и по многу километри,“ изјави Мартин Сандер, член на Управниот одбор на Volkswagen задолжен за продажба и постпродажба. „Ова потврдува дека ID.3 е одличен избор и како половно возило.“
Интензивно тестирање – без попуштање
Батеријата беше ставена под голем притисок – над 40% од полнењата беа направени на брзи полначи, а возилото често останувало целосно наполнето (100%) меѓу возењата, и тоа повеќе дена – што е спротивно на препораките.
Сепак, резултатите останаа позитивни: повеќе од 90% од капацитетот е сочуван, а возилото не покажало значителни оштетувања.
Софтверските надградби – клучен фактор
Во текот на тестот, ID.3 добиваше редовни софтверски ажурирања, вклучително и новиот електричен планер на рути, кој ги пресметува најоптималните станици за полнење според состојбата на батеријата, сообраќајот и други фактори. Со ажурирањата беше зголемена и максималната брзина на полнење на 170 kW, а исто така беше подобрена и потрошувачката на енергија, особено на кратки релации и при ниски температури (0–5°C).
ADAC ја препорачува редовната инсталација на сите достапни надградби за максимална ефикасност и долговечност.
Механичката состојба – стабилна и по долг пат
И покрај високата километража, каросеријата и шасијата на возилото останаа во добра состојба. Осовини, суспензија и управувачкиот систем покажаа одлична издржливост и не беа забележани никакви значајни проблеми.
Овој прв ADAC тест на издржливост за ID. семејството покажува дека Volkswagen ID.3 не само што нуди одлични перформанси како ново возило, туку и останува сигурна и вредна инвестиција на долг рок.