Следниот пат кога ќе патувате со Ryanair, имајте на ум дека проверката на вашиот рачен багаж можеби не се врши поради безбедност или ред, туку поради лична заработка на вработените.
Имено, секој член на персоналот добива бонус од 1,5 евра за патник што ќе биде фатен со багаж што ги надминува дозволените димензии. Со тоа, контролата на багажот полека се претвора во трка по провизии, а не професионална услуга за патниците.
Извршниот директор на Ryanair, Мајкл О’Лири, потврди дека компанијата размислува да го зголеми бонусот за вработените кои ќе откријат патници со прекумерен багаж. Иако долго време се шпекулираше за вакви бонуси во нискобуџетните компании, ова е првпат официјално да се потврди ваква практика.
О’Лири изјави дека средствата за зголемените бонуси ќе бидат делумно финансирани од казните што ги плаќаат патниците.
„Очекувам приходите од прекумерен багаж да се намалат во следните една-две години, но во меѓувреме сакаме дополнително да го мотивираме персоналот“, изјави тој.
Ако патник се појави со багаж поголем од резервираниот, Ryanair може да наплати повеќе од 86 евра, зависно од рутата и датумот на патување. Иако мал дел од патниците ја плаќаат оваа сума, токму тие средства се користат за дополнителни бонуси за персоналот.
Сѐ повеќе патници се жалат дека контролите на багаж не се спроведуваат поради регулација, туку поради мотивација за профит. Наместо да бидат поддршка и гаранција за безбедност, вработените се третирани како „ловци на провизии“, што според многумина е понижувачко и деградирачко.
Овие практики, иако можеби ефективни на краток рок, на долг рок ја уриваат довербата на патниците во авио-превозниците. Ако компаниите продолжат да се потпираат на казни и трикови за заработка, ризикуваат да ги изгубат не само своите лојални патници, туку и угледот што го градат со години.
Среќа засега Ryanair не лета од Скопје!









