Volkswagen достигна нова важна пресвртница во електрификацијата, откако на купувачите им испорача вкупно 2 милиони целосно електрични возила. Јубилејниот автомобил е ID.3, произведен во фабриката во Цвикау.
Volkswagen објави дека испорачал 2 милиони целосно електрични возила на купувачи ширум светот, што претставува нова голема пресвртница во стратегијата на брендот за електрификација. Јубилејниот автомобил е ID.3, произведен во фабриката на Volkswagen во Цвикау, а возилото оваа недела му било предадено на купувач во Transparent Factory во Дрезден.
Германскиот производител потсетува дека електричната офанзива почнала уште во 2013 година со моделот e-up!, а во бројката од 2 милиони влегуваат не само моделите од ID. семејството, туку и претходните електрични модели како e-up! и e-Golf. Според компанијата, Volkswagen денес има водечка позиција кај целосно електричните возила во Германија и Европа и е меѓу најголемите производители на електрични автомобили во светски рамки.
Најголем придонес за овој резултат имаат три модели – ID.4, ID.3 и ID.7. Според официјалните податоци, ID.4 е најиспорачуваниот електричен модел на брендот со околу 901.000 возила, по него следи ID.3 со околу 628.000, додека ID.7 досега достигнал околу 132.000 испораки. Во Volkswagen велат дека токму овие модели се столбовите на нивниот електричен раст, од компактната класа до повисоките сегменти.
Компанијата веќе го насочува вниманието и кон следната фаза. Според најавите, ID. Polo ќе биде првиот од четири нови електрични модели што ќе бидат лансирани во текот на 2026 година во сегментот на мали и компактни автомобили. Планот на Volkswagen е со поатрактивни и подостапни електрични возила за секојдневна употреба дополнително да ја прошири електромобилноста кон поширок круг купувачи.

Испораката на јубилејниот ID.3 во Дрезден има и симболична тежина. Volkswagen наведува дека, откако производството во Transparent Factory е укинато, фокусот таму сега е ставен на искуството на посетителите и на предавањето возила на купувачите. Само минатата година, во овој центар биле предадени околу 3.500 возила, од кои повеќе од 90 проценти биле целосно електрични или хибридни модели.
Во меѓувреме, Цвикау останува една од клучните точки во електричната стратегија на брендот. Според Volkswagen, од оваа фабрика во 2025 година излегле околу 212.000 електрични автомобили. Паралелно, Дрезден влегува во нова фаза, со поголем фокус на искуството на посетителите и претставувањето на електричната мобилност, што дополнително ја потврдува промената на улогата на оваа локација во рамки на електричната транзиција на компанијата.









