Вистинска приказна: Со Mercedes G-Class патувал 26 години низ 200 земји

ОБЈАВЕНО НА:

„Станав едно сабајле и се прашав, дали сакам и натаму да го правам ова 24 часа, 7 дена во неделата, до крајот на мојот живот? “. Вака почнува приказната за Гинтер Холторф, тогаш 51 годишен, главен извршен директор на една позната авиокомпанија во Германија. Тој не можел веќе да поднесе да работи бесцелно секој ден, да живее едноличен живот и затоа решил нешто суштински да смени во својот живот.

Таа 1988-ма година, Гинтер Холторф решава да даде отказ, да купи Mercedes-Benz G-Class и заедно со својата сопруга да замине на подолго патување во Африка. Нивното патување траело дури 18 месеци, но како се ближел крајот на патувањето и двајцата сфатиле дека колку повеќе патуваш, толку повеќе си свесен дека многу малку си видел.

Затоа решаваат да направат нов, крупен чекор, да ги поминат сите држави во светот. Своето 10-годишно дете го оставаат во интернат, каде живее и се школува, кој подоцна, кога ќе порасне, им се придружува на дел од патувањата.

Патувањето низ светот траело скоро 26 години, односно од 1988 до 2013-та година. На ова патешествие низ светот, со својот Mercedes-Benz G-Class, изминал над 820,000 км и поминал низ 200 држави, вклучително и низ Македонија.

Дури четвртина од тие 823,000 км, биле земјен пат. Тој се сеќава на сите моменти, бил токму кога се воделе најжестоките борби во Авганистан, дошол до Тибет, до подножјето на Хималаите и бил првиот човек од западна држава кој ја посетил Северна Кореја.

Минувајќи низ разни природни и градски џунгли, Гинтер Холторф вели дека никаде немал доживеано ниту еден инцидент, никогаш не бил ограбен и што е најважно, никогаш немал дефект на возилото. Гинтер за својата G-Class кој и го дал името „Ото“, се уште се чуди какво возило е тоа без ниту еден дефект, кој се уште се движи со оригиналната трансмисија.

Патувањето го финансирал исклучиво сам и како што вели тој, иако многупати му нуделе спонзорства, тој едноставно ги одбил. Сакал тоа да биде едно приватно патување, без некој да го присилува што треба да прави.

За време на патувањето, тој воопшто не користел ниту мобилен телефон, ниту интернет. Најчесто спиеле во задниот дел на возилото, а храната ја подготвувале самостојно со намирници набавувани од локалните продавници.

Но, кон крајот на дводецениското патување, Гинтер добива тежок, животен удар, кога неговата сопруга, со која бил постојано 24 часа на ден, заболува од тешка болест.

Таа пред да почине, побарала од Гинтер Холторф да го продолжи патувањето и да го оствари сонот на двајцата, да ги посети сите држави во светот. Тој тоа и го сторил. Им порачува на сите дека секој сон може да се оствари, само треба да имате трпение.

Легендарната G-Class е изложен во музејот на Mercedes-Benz во Штудгарт.

Следете не и на:
[Fancy_Facebook_Comments]

24AUTO NETWORK