Виктор Давидовски на финалето на TCR Europe – тимот на PSS со две возила во Шпанија

ОБЈАВЕНО НА:

Проблемите со Ковид-19 во Европа и бројните рестрикции за движење го оневозможија нашиот возач Виктор Давидовски да настапи на сите трки од TCR Europe серијата, но тој ќе вози на последната трка од календарот за сезонава, и тоа викендов во Шпанија. И не само што ќе настапи со возилото Honda, тимот на PSS ќе има првпат двајца возачи.

Финалето на TCR Europe сезонава се вози на патеката Харама, североисточно од Мадрид. Ќе се возат две трки по 15 кругови. Квалификациите се закажани за 6 ноември во петок, а двете трки се во сабота. Првата во 11,20 часот, а втората во 14,10 часот.

Покрај Виктор Давидовски, во Шпанија во вториот автомобил на PSS ќе седне Франко Гиролами. Тој е помладиот брат на Нестор, кој вози во WTCR и на првата трка во Франција се искачи на второто место, што беше прв подиум за тимот на PSS Racing.

Гиролами беше првак во Аргентина во 2012 во класата TC2000 возејќи Fiat Linea, а потоа се префрли во Top Race серијата каде беше крунисан како шампион во 2018 година. Гиролами за првпат возеше ТЦР автомобил (Honda Civic Type-R) во Италијанскиот ТЦР шампионат на Муџело и Мизано каде најдобар пласман му беше втора позиција.

Виктор Давидовски сезонава се појави на трката во Италија на Монца, и беше 9. на првата трка, а на втората на неколку свиоци пред крај имаше технички проблем и не ја заврши. Тој е единствениот Македонец што се натпреварува во TCR Europa што е најпрестижното натпреварување во Европа со туристички автомобили.

Следете не и на:

24AUTO NETWORK