И Виетнам влегува сериозно во автомобилскиот бизнис и тоа со свој сопствен бренд. Автомобилската единица Vingroup JSC – VinFast го одбележа пуштањето на првите автомобили истакнувајќи ги намерите на динамичната азиска економија да изгради модерен производствен сектор.
За премиерот на Виетнам, Нгуен Сјуан Фук ова е голем придонес за националната економија и дека целта е VinFast да се пробие и на регионалните и на светските пазари.
VinFast ќе почне да ги доставува веќе следната седмица првите возила до клиентите и сака да биде првата компанија од Виетнам која успеала да ги предизвика успешните странски конкуренти како Toyota Motor Corp, Ford Motor Co и Honda Motor Co во една од најбрзо растечките економии во светот.
Хечбек со име Fadil
Првата верзија на VinFast, хечбекот кој го доби името Fadil, првично чинеше 394,5 милиона донги (16.900$). Во 2017 година Vingroup соопшти дека планира да инвестира до 3,5 милијарди долари во својот автомобилски бизнис. Компанијата исто така произведува седани, спортски автомобили и електрични мотоцикли.
VinFast планира да произведе 250.000 автомобили за време на првата етапа од експлоатацијата, со проектирано производство што ќе се зголеми до 500.000 автомобили годишно до 2025 година. Минатата година компанијата најави дека очекува да почне со извоз до средината од 2020 година.
Од компанијата соопштија дека добиле 10.000 предвремени нарачки и тоа уште пред една година. Виетнамците имаат купено 119.497 нови превозни средства во првите пет месеци од годината, а тоа е скок од 18% во однос на претходниот период.
Автомобилите не се целосно произведени во Виетнам. Fadil користи шасија од моделот на Karl Rocks од Opel PSA Group. Седанот и СУВ моделот се изградени на рамки од BMW AG, а се дизајнирани од страна на дизајнерската куќа Pininfarina и имаат компоненти дизајнирани од Magna Steyr. Џим Делука, поранешен потпретседател на глобалното производство за General Motors Co, беше ангажиран како главен извршен директор на VinFast.