Колкава е веројатноста дека ако некој ви го постави прашањето “Што е тоа Venturi Atlantique?” ќе одговорите точно? Дефинитивно мала. Обвиен во анонимноста, овој автомобил поради своите технички, а потоа и дизајнерски карактеристики го носи епитетот “Француско Ферари”.
Станува збор за автомобил произведуван од страна на Venturi Automobiles, помалку познат француски производител основан во 1984 година, а со седиште во Монако. Автомобилот се произведуваше во периодот од 1991 до 2000 година во фабриката во францускиот град Коерон. Дизајнот е дело на Клод Поирод и Жерард Годфри.
Основната верзија која ја носи додавката 260 располага со 2,8 литарски турбобензински V6 мотор кој продуцира 260 КС и е со тежина од 1.110 кг. Максималната брзина која може да ја постигне изнесува 269 км/ч, а до стотка забрзува за 5,2 секунди.
Тука се и помоќните мотори како 3,0 бензински V6 мотор позајмен од Peugeot. Истиот продуцира максимални 210 КС. Најмоќната верзија е опремена со исто така 3,0 литарски, но twin-turbo мотор благодарение на кој овој автомобил може да постигне максимална брзина од 275 км/ч.
Инаку автомобилот кој е прикажан на фотографиите се наоѓа на продажба. Огласената цена изнесува 39.995 фунти, а има поминато само 60 илјади километри. Комплетниот оглас за овој автомобил можете да го погледнете ТУКА.