Германските бензински пумпи сè почесто ги менуваат цените на горивото – и тоа толку брзо што потрошувачите немаат реална шанса да ја искористат понудената цена, објави порталот за споредба на цени benzinpreis.de. Според нив, некои пумпи ја менуваат цената дури и на секои неколку минути, што сериозно ја отежнува транспарентноста и информираноста на потрошувачите.
Студијата опфатила период од 12 до 18 мај и следела околу 14.000 пумпи низ Германија. Според резултатите, над 11.000 пумпи барем еднаш ја смениле цената што траела помалку од 15 минути, а речиси 4.000 пати цената се менувала на помалку од пет минути. Некои бензински пумпи, според податоците, ја менувале цената и повеќе од 50 пати на ден – повеќе од два пати на час.
Порталот предупредува дека со ваквата пракса се создава илузија кај потрошувачите, кои избираат пумпа според објавената цена, но поради брзината на промените, често ја пропуштаат таа понуда. Поради тоа, се повикуваат организации за заштита на потрошувачите да реагираат.
Асоцијацијата Fuels and Energie, која ги претставува и големите дистрибутери на гориво, ги отфрла критиките и тврди дека пазарот е целосно транспарентен и конкурентен, а динамичните цени се резултат на борбата за секој клиент. Сепак, Федералната антикартелска агенција има поинаков став и смета дека ваквата пракса реално го оневозможува потрошувачот да донесе информирана одлука и да заштеди.
Истата агенција уште во април анализирала дека просечна пумпа во Германија ја менува цената 22 пати дневно, а секоја 12-та дури над 35 пати. Некои држави, како Италија и Австрија, веќе имаат одредени ограничувања на бројот на ценовни корекции дневно, но Германија сè уште нема конкретни препораки за ваква регулација.
Мислењата на економистите се поделени – дел сметаат дека честите промени на цените се збунувачки и штетни за довербата на потрошувачите, додека други веруваат дека токму тие динамични промени долгорочно можат да придонесат за намалување на цените. Возачите, сепак, остануваат во незавидна позиција – секое точење гориво може да ги чини повеќе, само затоа што цената се сменила за неколку минути.









