ТЕСТ Toyota Corolla 1.5 EXECUTIVE: И чист бензин може да биде умен и рационален избор

ОБЈАВЕНО НА:

За трицилиндричен мотор секогаш се поврзуваат - побучен мотор, тромост кога треба да повлече, време додека „залауфа“... Е, ама овој мотор во Corolla е нешто сосема друго

Текст-фото: Горан Антевски

Вообичаено кога се прави тест на некој автомобил логично е да го претставите моделот со неговите карактеристики, надворешни, внатрешни, постигнувањата на претходните генерации, да се осврнете на завршната обработка, на седењето напред и позади, багажниот простор… И секако моторот. Тој за многумина е најважниот дел од возилото, неговото срце, од кое зависи колку долго ќе се дружите со автомобилот.

Затоа и ние на дружењето со Toyota Corolla повеќе внимание ќе му посветиме на новиот 1.5 литарски бензински мотор со 125 КС. Нема турбо, а има три цилиндри! Да, три цилиндри. И ние малку бевме скептици околу тоа, и се прашувавме каков ќе биде заклучокот на крај од нашето дружење. Овојпат Toyota ни понуди дружење со „чист бензинец“. Предизвик што го прифативме.

Кога ќе се спомене Toyota веднаш се асоцира на хибриди. Дизели веќе не нудат во оваа класа, а хибридите се нивната препознатливост. Сепак за Toyota бензинските мотори се уште се предизвик. Па уште и од мал волумен на мотор да се добие доволно добра „коњажа“ е вистински предизвик. Не само за производителот туку и за купувачот. Тој треба да се увери дека малите мотори можат подеднакво да бидат интересни за возење и пред се штедливи и да ги следат модерните трендови на заштита на околината.

Зелен, моќен, подобар.. 

Сигурно има причина за одлуката на Toyota да го вгради овој нов 1.5 литарски бензински мотор во Corolla. Тој не е толку нов, бидејќи веќе се нуди во Yaris. Откако видоа дека истиот може да биде подеднакво ефикасен и на поголема платформа решија да му дадат шанса.

Според фабричките податоци овој 1.5 литарски мотор работејќи според Аткинсон има до 40 отсто термална ефикасност, можност за намалување на ЦО2 емисиите до 20 отсто во однос на претходната генерација. Истовремено перформансите се подобрени за 15 отсто. И моторот може да се користи и при конвенционални и хибридни решенија. Со оглед на тоа што 52 отсто од продажбите на Toyota во Европа се базира на хибриди во 2019 година, повеќе од сигурно е дека купувачите сакаат мотори што малку трошат.

Toyota Corolla 1.5 Executive

За трицилиндричен мотор секогаш се поврзуваат - побучен мотор, тромост кога треба да повлече, време додека „залауфа“... Е, ама овој мотор во Corolla е нешто сосема друго.

Овој 1.5 литарски бензински мотор е дизајниран за новата генерација на Yaris според TNGA (Toyota New Global Architecture). Модерниот 1.5L со три цилиндри e најмал мотор, брат на 2.0L мотор што исто така се произведува во истата фабрика во Полска.
Toyota New Global Architecture важи за сите нови модели на Toyota. Во рамките на платформата, сите индивидуални типови на шасија, тела и погонски делови се обврзани со заеднички правила на производство.

Карактеристиките се понизок центар на гравитација и поригидно тело што се преведува како високо ниво на пасивна безбедност и удобно возење. Од страната на производството, TNGA значи поефикасни автоматизирани линии за производство, со модуларен дизајн кој овозможува мешани модели да произведуваат различни единици, подобра ергономија и помало оптоварување за животната средина.

Троши бензин – вози како дизел

За трицилиндричен мотор секогаш се поврзуваат – побучен мотор, тромост кога треба да повлече, време додека „залауфа“… Е, ама овој мотор во Corolla е нешто сосема друго. Да, на почеток кога ќе стиснете на гаста ќе го чуете тој препознатлив звук на трите цилиндри… А потоа… Возењето со континуирана брзина ви озвоможува не само да стигнете на одреденото место, туку и да имате исто чувство како и да сте во било кое друго возило на Toyota Corolla со било кој друг мотор.

За побрзо да се навикнете на се и да го нема тој звук, следете ги препораките на инструмент таблата. Менувајте ја брзината во степен повисоко кога тоа ќе ви се појави на таблата, обидете се тоа да биде меѓу 2.000 и 2.250 вртежи во минута. Тогаш менувањето оди „најмазно“ и се ќе биде во ред. Верувајте дека овој 1.5 литарски мотор може добро да се носи со оние 2795 кг.

На угорница овој „трицилиндраш„ повлекува без проблем, ја нема вообичаената дупка додека да прими машината па да тргне. Едноставно со притисокот на педалата на гаста добивате брз одговор од возилото. Затоа и полесно се справувате со нагорнините, со потребата да се престигне поспоро возило пред вас. Па ако се елиминира „звучниот фактор“ лесно може да се излажете дека возите дизел.
Можете да очекувате дека овој 1.5 литарски мотор едноставно ќе ве воодушени. Па дури и тоа што нема турбо е подобро, со оглед на цената на чинење на евентуалните проблеми. Ама Toyota се прави за да трае, и трае… Тоа го покажуваат оние над 50 милиони продадени возила на Corolla досега.

Ама да се вратиме на нашето возење. Долгите или релативно долги патувања нема да бидат проблем. Моторот е доволно еластичен да понуди удобност и пред се ефикасност. А секој сака ефикасност која подразбира економичност.
Проспектите велат овој мотор троши меѓу 5,7 и 6,1 литар. И тие се навистина точни за комбиниран начин на возење. Возејќи на автопат со просечни 130 км/ч. потрошувачката е биде и под овие 5,7. Сепак се зависи од вашиот начин на возење. Но, со сигурност ќе имате партнер кој добро ќе ве служи а малку ќе троши.

Поразлична од другите во класата 

Новата Toyota Corolla го смени својот имиџ, но и карактер. Покрај атрактивните спортски и елегантни новини во дизјанот, автомобилот доби и механика кога во целост одговара на изгледот. А најважни се возните карактеристики.
Сега и возењето е зачинето, па Corolla вози како по шини, а суспенизјата во момент ја стабилизира каросеријата. Навикната е Toyota да се справува со секакви патишта, а нашите секако нема да и бидат предизвик што нема да го совлада.

Corolla има подолго веѓуоскино растојание во однос на хечбек верзијата. Тоа веднаш се забележува со зголемениот простор за колената, што е особено важно ако напред седи некоја повисока личност. Места за глава има сосема доволно. Дури на задните седишта патниците ќе имаа добар комфорт и за подолги патувања. Седењето може да ви биде уживање со испружени нозе.

Toyota Corolla 1.5 Executive внатре

Новата Toyota Corolla го смени својот имиџ, но и карактер. Покрај атрактивните спортски и елегантнинови во дизјанот, автомобилот доби и механика кога во целост одговара на изгледот. А најважни се возните карактеристики.

Материјалите што се користат во внатрешноста се меки, прецизна обработка … и целокупното чуство е дека се наоѓате во модел од премиум класа. Секако дел од ова припаѓа на комплексниот мултилинк на задната суспензија која овозможува софистицирано однесување. Тоа ја прави Corolla поразлична од многу други во својата класа.

Без разлика што можеме да кажеме дека изгледот е модерен и атрактивен, Corolla сака да остане доверливо превозно средство на кое сме навикнати. Ентериерот е модернизиран, но и понатаму конзервативен. Toyota сепак задржува многу копчиња на инструмент таблата и инфо-забавниот систем. Модерно со традиционални детали. Сега менувањето на температурата на вентилацијата е со само едно пристикање или вртење на копчето. Нема оттргнување на вниманието од сообраќајот пред вас за да смените нешто. Така имате чувство дека сте на традиционално возачко место.

Кај Toyota стандард е:
* TOYOTA SAFETY SENSE 2 active safety system:
> Pre-Collision System систем за препознавање на пешаци и велосипедисти
> Adaptive Cruise Control адаптивен темпомат
> Lane depart assistant систем за следење на патна лента со корекција на волан
> Automatic high beam светла со автоматско прилагодување на долги светла
>Анти-корозивна гаранција: 12 години

Од опремата што ја имаше нашиот пакет (BUSINESS + EXECUTIVE) вредно е да се спомене:
> (VSC) систем за стабилност при управување
(НАС) систем за помош при старт на нагорнини
> Воздушно перниче за колената на возачот
> Странични воздушни перничиња за заштита на граден кош напред
> Дигитален клима уред
> 4,2” TFT мулти инфо дисплеј во инструмент табла со украсен сатен прстен
> Далечинско заклучување, и електрика на предни и задни стакла.
> Темпомат
> Греење на ретровизори
> ЛЕД предни и задни светла
> Bluetooth® поврзување на мобилни телефони за Handsfree разговор
> Копчиња на воланот за аудио систем и системи за активна безбедност
> 8″ Мултимедијален с-м Toyota Touch осетлив на допир со смартфон интеграција
> Задна камера за помош при паркирање со визуелизација на 8″ дисплеј
> Греени предни седишта
> Волан обложен во кожа
> ЛЕД светла за магла
> Дигитален бзриномер

ЗАКЛУЧОК: Corolla сака да остане доверливо превозно средство на кое сме навикнати. Квалитетот кај Corolla никогаш не бил спорен, туку секогаш фален. Јапонците им нудат на конзервативните купувачи модерно спакувано решение. Ако размислувате умно и рационално ќе сфатите дека поважни се перформанските отколку тоа што моторот не е тубро и има три цилиндри. Ниските трошоци за одржување и едноставната механика секогаш е важен фактор. Зад себе има веќе 11 генерации кои само докажуваат дека Corolla знае што сакаат купувачите – и тоа им го нуди. Доверливост, квалитет, безбедност, одлични возни каратеристики, трајност и употребливост. А овој модел го има сето тоа.

Цена: Почнувајќи од 18.990 евра па се до 21.990 евра. Постои и промотивен попуст кој се движи од 2.000 до 2.500 евра во зависност од моделот.

Нашиот модел на тест имаше цена од 21.990 евра (со попуст – 19.490 евра)

Повеќе информации за моделот – Toyota Авто Центар
Повеќе за моделот:
Ценовник и опрема:

 

Следете не и на:

24AUTO NETWORK